Со селектирање на првите 10 кандидати од осудените лица во Затворот во Струмица почна практичното применување на Законот за пробација преку проект на Здружението за истражување, анализа и развој „Зелена Лупа”.
– Избраните лица ќе учествуваат во тримесечната обука за стекнување на занает – изработка на елементи од бетон-бекатон плочки, павер елементи, рабници за коловози и останати елементи од бетон, информираат од Здружението, од каде посочуваат дека се планирани три обуки од по 10 затвореници. По секоја обука тие ќе добијат сертификати за стекнати знаења и на крај со бизнис заедницата ќе им бидат обезбедени работни места.
– Во соработка со Судот и Обвинителството за одредени лица, за кои ќе се обезбедат сигурни работни места, ќе им се овозможи да им се замени затворската казна, која е при крај, со условен отпуст и при тоа осудениците мора да имаат издржано повеќе од половината казна. Условниот отпуст ќе го користат со заштитен надзор и во тој период треба да соработуваат со пробацискиот службеник до целосното издржување на казната – соопшти „Зелена лупа“.
Реализацијата на практичната тримесечна обука ќе почне официјално до крајот на месецов.
Проектот „Заживување на законот за пробација на локално ниво преку ефективни пратнерства во општина Струмица” на Здружението „Зелен лупа” е финансиран од програмата Цивика мобитас.