И новата берба на грозје со многу непознати – ММС
ММС

Објавено на: 07/19/19 3:16 PM

И новата берба на грозје со многу непознати

Неизвесен гроздобер ги очекува лозарите и годинава, согледувајќи ги сите информации кои доаѓаат. Визбите не биле расположени да откупат поголеми количини, а годинава богат е родот на лозјата. Лозарите бараат повисока цена, но тешко дека ќе ја добијат, сооглед на најавите дека понудата на грозје, ќе биде поголема од побарувачката.

Ваквите заклучоци за неизвесен откуп на винското грозје се потврдуваат и од одговорот на прашањето упатено до министерот за земјоделство, Трајан Димковски. Тој нагласи дека е во постојан контакт со лозарите и визбите, но засега нема ништо конкретно на повидок. Не се познати ниту количините кои се спремни визбите да ги откупат, ниту пак по која цена.

„Според најавите, некои винарски визби планираат помалку да откупат но ние не би оделе со заклучок додека не ги сумираме сите резултати. Веќе разговаравме за можни активности кои МЗШВ би  ги преземало доколку се дојде до заклучок, а тој би го имале за една до две недели околу вкупниот капацитет односно план за откуп на грозјето на винариите и би тргнале со некои наши активности,  доколку може во соседството,  со други фирми колку би биле активни во искористување на нивните капацитети. Во овој момент не би одел со заклучоци.  Засега се очекува доста добра берба со добар принос“ вели Димковски.

Според него легитимно е барањето на лозарите за повисока цена на грозјето, но вели, дискутабилно е тоа дека може да се случи кога пазарот се соочува со поголема понуда од побарувачката.

Лозарите во последното писмо што му го упатија на министерот за земјоделство, побараа грозјето да стане стратешки производ со загарантирана цена.

Ангел Данов