Отворен откупен центар за земјоделски производи во Градско – ММС
ММС

Објавено на: 07/19/19 1:38 PM

Отворен откупен центар за земјоделски производи во Градско

Прв откупен центар со ладилник  веќе е во функција во Градско. Изграден е со поддршка од ИПАРД програмата, а им влева надеж на земјоделците од овој крај дека проблемот со пласманот на земјоделските производи ќе биде минато. Овде откупот на кајсија е веќе завршен. Сега се откупува праска, а парите на земјоделците им се исплаќаат за неколку дена.


Вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој денеска го посети овој откупен пункт посочи дека токму вакви капацитети недостигаат за македонското земјоделство, како би можеле производителите да бидат по спокојни.

„ Гледаме дека оди добро дека пласман има и дека сите се задоволни. Што  е најважно сите пари се исплатени до земјоделците за она што е откупено. Направено е по највисоки стандарди како што и бара ИПРД програмата. Она што е гордост, доколку ИПАРД 1 беше искористена само 17 % , сега за ИПАРД 2  програмата,  која има за имплементација уште две години,  веќе имаме дупло поголем процент на реализација, а мислиме дека до крај реализацијата ќе биде рекордна во регионот. Во моментот Република Северна Македонија има рекордна реализација на ИПАРД 2 програмата од сите земји во регионот“ вели Анѓушев.

Тој нагласи дека се бараат инвеститори и за преработувачки капацитети на овошни и градинарски производи.

„Мора да се посветиме да се направат и преработувачки центри за храна за што веќе и во законот за финансиска поддршка ги вклучивме како област што сакаме да ја поддржиме од оваа година и интензивно разговараме со големи центри и ланци на снабдување од развиените земји  да направат центри за преработка на овошје и зеленчук“ додаде Анѓушев.

И министерот за земјоделство, Трајан Димковски потенцира дека за македонските земјоделци ваквите откупни центри имаат големо значење.

„Борбата на самиот земјоделец не е само да се бори со пазарот туку и со времето. Ако денеска се обере праската мора и денеска да се продаде. Ова е начинот во кој може да се разлади да се складира и да отстои повеќе денови,  се со цел да се чека подобра цена и подобри услови на пазарот. Ваквите објекти треба да се градат и да се шират“ нагласи Димковски.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството Николче Бабовски информира дека со првиот повик на ИПАРД 2 програмата биле потпишани 947 договори во висина од 21,7 милиони евра. Од вториот повик биле потпишани 20 договори во висина од 2 милиони евра, а се обработувале апликации за уште 18 милиони евра. Бабовски нагласи дека во македонското стопанство од ИПАРД програмата на располагање биле ставени 40 милиони евра.

Компанијата „Ником“ во овој откупно дистрибутивен центар вложила 400 илјади евра сопствени пари, а од ИПАРД програмата добиле поддршка од 100 илјади евра.

Ангел Данов