Протоколот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО пред француската влада – ММС
ММС

Објавено на: 07/17/19 5:22 PM

Протоколот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО пред француската влада

Француската влада на денешниот министерски совет го разгледа Предлог-законот за  одобрување на ратификацијата на Протоколот од Северноатлантската спогодба за пристапување на Република Северна Македонија, претставен од министерот за Европа и надворешни работи – јавува дописникот на Македонската информативна агенција од Париз.

Влегувањето во сила на протоколот кон Северно-атлантскиот договор за пристапување на Северна Македонија ќе ѝ овозможи на оваа земја да стане 30-та членка на Атлантската алијанса, кога 29-те земји-членки на НАТО ќе известат дека го ратификувале протоколот. Пристапувањето на Северна Македонија во НАТО ќе ја зајакне безбедноста на регионот и на алијансата како целина” – се вели во соопштението на француската влада.

Притоа од француската влада се нагласува дека „Франција ќе остане особено внимателна во однос на клучните принципи на процесот на проширување на НАТО, кои се проценка на сопствените заслуги на земјите кандидати и нивниот придонес во безбедноста на евроатлантската област.

По претставувањето на предлог-законот на министерскиот совет, истиот влегува во парламентарна постапка каде ќе треба да биде изгласан од Националното собрание и Сенатот.