МЗТ Скопје по тренерот Кочов, објави уште едно важно останување во тимот – ММС
ММС

Објавено на: 07/17/19 2:54 PM

МЗТ Скопје по тренерот Кочов, објави уште едно важно останување во тимот

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Дамјан Стојановски и во следната сезона ќе биде еден од носителите на играта на МЗТ Скопје Аеродром, со оглед на двегодишниот договор кој лани го потпиша со нашиот тим.

Одличниот бек шутер е дел од сино-белата чета уште од 2012 година, освојувајќи пет шампионски титули и шест пехари во Купот на Македонија, со напомена дека не беше дел од клубот само во сезоната 2016/17, која ја пропушти во целост поради тешката повреда претрпена во дресот на македонската репрезентација. Стојановски беше најкорисен играч на финалето од плејофот минатата сезона, признание кое го освои и двапати претходно (2014 и 2016 година). Професионалната кариера ја почна во Вардар во 2005 година, има играно уште и за охридски АМАК-СП и за бугарски Лукоил Академик.

Капитенот на МЗТ Скопје Аеродром минатата сезона во АБА2-лигата на 27 средби имаше просек од 8,9 поени и 3,4 скока како втор најдобар тројкаш (45/117) и најдобар изведувач на слободни фрлања (36/41) додека во домашното првенство на 34 натпревари просечно реализираше по 12,5 поени и 5,4 скока со најмногу постигнати тројки (64) и како втор најдобар во тимот според бројот на украдени топки (1,5 по меч).

Тренер на екипата во следната сезона ќе остане Ѓорѓи Кочов, а останатите делови од мозаикот ќе се склопуваат во периодот кој следува.

Извор: sportclub.mk