АППТ: Да се формира туристичка инспекција за справување со сивата економија – ММС
ММС

Објавено на: 07/17/19 1:12 PM

АППТ: Да се формира туристичка инспекција за справување со сивата економија

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) од  минатата година заедно со коморите и со секторот за туризам при Министерството за економија иницирала формирање туристичка инспекција што е воведена насекаде во Европа.

Според директорот на АППТ, Љупчо Јаневски ние сме единствена земја во регионот што нема туристичка инспекција шти би ги регулирала правата на туристите, а дополнително, како што вели, во одредени земји има и туристичка полиција што помага туристите да се чувствуваат побезбедно на одредена дестинација.

– Се надевам дека во брзо време во соработка со Управата за јавни приходи (УЈП) и со пазарната инспекција ќе се формира одделение кое типично ќе го третира туризмот се до оној момент додека биде туристичката инспекција во кондиција да си ја презеде својата работа. Секаде туристичката инспекција е во надлежност на националната туристичка организација, вели Јаневски.

Тој смета дека кој било елемент може да ја наруши туристичката понуда и бројот на намалување на туристи, како лошото време, лошата инфраструктура, хигиената и услугата, па така, како што рече, и тоа што се случува во Охрид, може да влијае на подолг рок.

– Се надеваме и јас сум сигурен дека ќе изнајдеме сили Охрид да остане под закрилата на УНЕСКО и да биде бисер што ќе зрачи во туристичкиот сектор во нашата земја со години, вели Јаневски.

Годишно за целосна промоција на државата одвојуваат девет милиони денари и се надева дека во 2020 година ќе го зголемат буџетот за рекламирање.

Според него промоцијата, промотивните канали, аранжманите, зголемувањето на понудата, атракциите и содржините во туризмот се многу значајни кога е регионот во прашање, отколку субвенциите и смета дека треба да се изедначат пазарите.

Во првиот квартал годинава земјава ја посетиле 232.530 туристи. Најголем пад има кај турските туристи, за 31 процент оваа година. Најбрзо растечки пазари во првите пет месеци од оваа година, како што информира Јаневски, се Полска со раст од 30 проценти, Грција со 29, Хрватска 12, Бугарија и Романија со раст од 11  проценти.

Во втората половина на 2019-та, АППТ ќе се фокусира кон традиционалните пазари, а дополнително ќе ја претставуваат државата на саемот во Лондон.