Претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија Киро Здравев пред денешната седница изјави дека е изненаден од она што се случи со Специјалното јавно обвинителство.
– Преку средствата за јавно информирање дознав дека се води постапка за двајца осомничени, а против никој од СЈО. Да причекаме, како што рече и обвинителката за организиран криминал, да се извршат вештачења, да се изведат докази, да се утврдат факти, да се спроведе истрага, па да видиме кој е одговорен покрај овие двајцата. Дали има уште некој одговорен за таа работа, рече Здравев одговарајќи на новинарско прашање во врска со случајот „Рекет”.
Посочи дека стои на ставот независно дали се работи за судија, обвинител или политичар, мора да ги почитува Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, бидејќи тоа е правниот сиситем.
-Се што излегува од тоа е противуставно, незаконито и подлежи на одговорност, додаде Здравев.
На прашање во врска со ветингот во правосудството, тој посочи дека се спроведува во нашата држава ако се има во предвид законската регулатива.
-Кај нас постои Закон за судски совет, Закон за Јавно обвинителство, Закон за спречување на корупција и судир на интереси, постои Финансика полиција, што значи нема пречки ветингот да се спроведува во нашата држава, истакна Здравев.
Претседателот на Судскиот совет не сакаше да ја коментира изјавата на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во врска со една од пресудите на Кривичниот суд за предмет на СЈО и рече дека на такви судии кои ја донеле пресудата во тој случај не им е место во правосудството.
-По правило не ги коментирам изјавите. Ја слушнав изјавата на Јовески и нема да ја коментирам, но ќе кажам дека ние имаме со Уставот утврден правен систем. Значи ако некој од странките не е задоволна има право на жалба до второстепениот суд и согласно Законот за судовите само второстепениот суд може да ја укине, потврди или преиначи првостепената одлука. Судскиот совет не е суд од втора, трета или четврта инстанца и од тие причини ние не можеме да интервенираме, менуваме или укинуваме судска одлука, рече Здравев.
Првиот човек на Судскиот совет рече дека воопшто не се прекршени роковите за избор на судии и претседатели на судови предвидени во законот.
– За да се избере претседател на суд или судија во законот е предвидена цела процедура.Ние распишавме објави за шест судии во Апелацискиот суд, за 11 судии на Вишиот управен суд, двајца судии на Управен суд. Претходно мора да се спроведе целата постапка. Паралелно со тоа, бидејќи претходно не е вршено оценување на судиите, а таа обврска стои на секои две години, за да можеме да ги оцениме претседателите, чија оценка се изведува од оценките на судиите на ниво на суд мораше претходно да се спроведе и постапката за оценување на судиите. Во таа постапка судиите кои не се задоволни од оценката имаат право на приговор до Судскиот совет, кој одлучува дали ќе изврши повторно оценување или не, рече.
Посочи дека целата претходна постапка која согласно законот треба да ја спроведат ја спровеле, а по годишните одмори на првата или на втората седница ќе се бираат и судии и претседатели на судови.
Постапката, според Здравев се развлекла, поради тоа што морало да прземат низа процесни дејствија за да можат да го спроведедат изборот.
-Не можеме да извршиме избор без оценка на судиите кога наша обврска е при номинацијата да тргнеме од судиите кои што имаат добиено највисока оценка. Без тоа не можеме да избереме ниту претседател, ниту судија, додаде Здравев.
МИА