“Метла – 2” најавена за денес – ММС
ММС

Објавено на: 07/17/19 8:27 AM

“Метла – 2” најавена за денес

По разрешувањето на неколкумина министри, разместувањето на дел од нив и назначување на нови, денеска ќе бидат соопштени оставките на функционерите од вториот и третиот ешалон и нивните наследници, пишува Фактор.

Првично тоа беше најавено за минатата недела, но беше одложено поради немање конечен договор. Инаку оваа таканаречена „метла“ беше најавувана уште за времето на претседателските избори. Како што се најавуваше вчера, премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, веќе ги договориле деталите, а завршени се и преговорите со помалите коалициони партнери. Вера по ова прашање имало и неформална точка на дневен ред на редовната владина седница.

Заев најави дека променети ќе бидат од 20 до 25 директори на јавни претпријатија, дирекции, фондови, управи, инспекторати и други, а меѓу нив се очекува десетина да бидат раководители од редовите на ДУИ. Највлијателни и финансиски најмоќни второстепени државни органи во Македонија се АД ЕСМ, АД МЕПСО, РЕК Битола, Македонски енергетски ресурси, Пензискиот фонд, Фондот за здравствено осигурување, Државни патишта, Македонија пат, Царинска управа, УЈП, Агенција за електронски комуникации, Дирекција за трговско-индустриски развојни зони, АД Македонски Шуми, Македонски навигации, Македонска пошта, Македонски железници Транспорт, Македонски железници Инфраструктура, Регулаторна комисија за енергетика и Инспекцискиот совет.

Останува да се види дали ќе има промени само во инстанците од ваков тип, или пак ќе бидат менувани и директори во здравството, образованието, правда и други области.