Штипското јавно претпријатие „Стипион” деновиве почна со уривање и расчитување на склонопадните куќи, кои ја загрозуваат безбедноста на граѓаните и на возачите. Директорот на ЈП „Стипион”, Сашко Протогеров истакна дека по решение од градежен инспектор урнале склонопадна куќа во близина на црквата Свети Илија.
– По решение на овластениот градежен инспектор добивме решение за уривање на куќа на улица „Стојан Гогов”. Постапивме по решението и го урнавме објектот, а ќе извршиме и расчистување на теренот. Секогаш кога е во прашање безбедноста на граѓаните ние сме тука да интервенираме, вели Протогеров.
Вакви куќи во Штип има најмалку десеттина и некои од нив, досега биле причина за блокада на улици поради паѓањето, но за среќа повредени немало. Нивниот број најголем е во населбата Ново Село и во централно градско подрачје.
Дел од старите куќи имаат сопственици и не се имот на Општината, досега и покрај апелите никој од нив сам не си ги санирал или заштитил и покрај тоа што имаат законска обврска за тоа.
МИА