Да почне рушењето на дивоградбите за да се сочува УНЕСКО статусот на Охридскиот регион – бара ДОМ – ММС
ММС

Објавено на: 07/13/19 12:46 PM

Да почне рушењето на дивоградбите за да се сочува УНЕСКО статусот на Охридскиот регион – бара ДОМ

По објавените информации за уште една нова дивоградба, на државно земјиште, во заштитеното градско подрачје на Охрид, партијата Демократска обнова на Македонија, бара надлежните институции веднаш да постапат согласно законските одредби и да започнат со рушење на нелегалните градби во Охридскиот регион.

Единствен начин да го сочуваме нашето единствено светско природно и културно наследство е да ги спроведеме препораките на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО. Врвен приоритет е препораката број 6 за воспоставување мораториум на какви било урбани и крајбрежни трансформации во рамките на заштитеното подрачје додека сите релевантни плански документи не се усвојат и да се обезбеди строго спроведување на законите и прописите за да се спречи понатамошно незаконско градење – велат од партијата.

ДОМ им укажува на надлежните институции дека се должни да постапуваат согласно законот, зашто во спротивно и самите ќе сносат одговорност за непостапување и соучесништво.

Уривање на дивоградбите е непопуларна, но во оваа ситуација единствено целисходна мерка која може да придонесе да го сочуваме УНЕСКО статусот – нагласуваат од ДОМ потсетувајќи дека на сесијата на Комитетот на УНЕСКО во Баку ни беше одреден дополнителен рок за исполнување на клучните препораки на мониторинг мисијата на УНЕСКО, до февруари 2020 година.

Доколку тоа не се реализира, Охридскиот регион ќе биде ставен на листата на светско наследство во опасност.

Дополнително, со санкционирање на нелегалното градење ќе се манифестира неселективното спроведување на законските прописи и владеење на правото, што е една од основните европски вредности – додаваат од ДОМ.