Со тивка песна и громогласни три истрели во подножејот на Бистра овој викенд ќе се најави традицијата на мијачките свадби. И оваа година во Галичник средиштето на мијачијата така ќе се означи почетокот на уште едно издание на културно-туристичката манифестација „Галичка свадба“ . Акцентот ќе падне на љубовта која ќе биде мотив за сватовите да заиграат на ритамот од старата, повеќевековна свадбарска езгија.
На 46-тото издание во центарот на вниманието ќе бидат зетот Огнен Караѓозовски и Марина Петровска. Токму на оваа двојка од уште две други, Советот на месна заедница Галичник први им рекоа: Нека ви е со среќа. Марина и Огнен на годинешната Галичка свадба, ДА ќе речат, узда ќе стават, леб ќе замесат и коњ ќе јавнат. За годинешните младенци се знае дека нивната љубов започнала кога заедно работеле во хотелиерство и сега живеат во Скопје. Марина има потекло од Крива Паланка, но одамна е преселена, а Огнен има потекло од едно големо галичко семејство. Тој во повеќе наврати бил вклучен во органзиацијата на претходните свадби и учествувал како статист.
Над 200 луѓе за посилен впечаток одржувањето на оваа манифестација која е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците веќе се направени сите подготовки. Свадбарските обичаи ќе започнат со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да“ младенците ќе го кажат в недела, 14 јули, во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“. Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои што ќе се изведуваат за време на свадбарските денови (сабота од 19:30 и во недела од 8:30 часот. На манифестацијата ќе бидат ангажирани стотина статисти облечени во автентични галички носии. За изведување на традционалните ора и игри ќе бидат задолжени триесетина членови на КУД „Фолклорни бисери“.
Предвидена е и коњица со коњаници, луѓе кои ќе бидат техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе. За време на викендот, во Галичник ќе биде воспоставен и специјален сообраќаен режим, за полесно следење на фестивалот. Новината која минатата година се покажа како исклучително атрактивна, годинава ќе биде унапредена. Од месната заедница ќе овозможат лајв-стрим од целиот настан. Прогрмата од околу 12 часови, освен на голем лед екран поставен на платото, ќе може да се следи и преку интернет и други телевизиски платформи. Традиционалната културно-сценска манифестација Галичка свадба годинава се одржува три дена од 12 до 14 јули, а покровител на годинешната Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски кој по татко е галичанец. Традиционалните обичаи станаа атракција За време на манифестацијата, посетителите можат да проследат автентични свадбарски обичаи и ритуали проследени со изворни свадбарски песни карактеристични за овој крај од Македонија и за мијаците.