Неопходно е подигање на свеста за безбедноста и здравјето при работа – ММС
ММС

Објавено на: 07/12/19 12:10 PM

Неопходно е подигање на свеста за безбедноста и здравјето при работа

Потребно е подигање на свеста на работникот и на работодавачот за безбедноста и здравјето при работа. Се уште во нашето општество тоа е тема која ја сметаме за маргинална, односно за неважна и на неа реагираме тогаш кога ќе се случи некоја повреда или смртен случај. Во рамки на колективните договори преовладува впечатокот дека тие се уште содржат премалку или воопшто не содржат никакви одредби што се однесуваат на безбедноста и здравјето при работа, што во иднина би требало да се менува кога ќе се преговара меѓу двете заинтересирани страни, работници и работодавачи и кога ќе се случуваат колективни договори.

Ова денеска го изјави адвокатот Владимир Бангиевски по отворањето на националната конференцијата на тема „Колективни договори – клуч за успешен систем на безбедност и здравје при работа”, во организација на Асоцијација за правно – економски истражувања и едукација „Јуридика”.

Тој посочи дека во одреден број на колективни договори нема никакви одредби што се однесуваат на здравјето и безбедноста при работа. Во некои колективни договори, пак, има одредби што упатуваат на Законот за безбедност и здравје при работа но, како што рече, детално материјата не ја разработуваат. Постојат колективни договори во кои се предвидени мерки и активности за безбедност и здравје при работа. Притоа тие мерки, како што појасни, се однесуваат на сите вработени или има посебни мерки што се однесуваат на посебна група на вработени.

Бангиевски порача дека освен на подигнување на свеста треба да се работи и на имплементација на мерките за безбедност и здравје при работа на самите работни места.

– И работникот и работодавачот првенствено треба да бидат заинтересирани за преземање пред се превентивни мерки во врска со заштитата на здравјето и почитување на безбедносните протоколи. И соодветните Инспекторати, државните органи треба да поведат малку повеќе сметка за тоа во какви услови од безбедносен и здравствен аспект работат вработените, рече Бангиевски. Додаде дека освен физичкото здравје на работниците, потребно е да се води грижа и за психичкото.

Професорот Лазар Јовевски од Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје изјави дека „Јуридика” седум месеци интензивно работи на зајакнување на системот на колективно преговарање со вклучување на аспектите на безбедност и здравје при работа.

– Анализата од терен покажа дека многу малку е застапена безбедноста во македонското колективно преговарање, на сите нивоа, и во приватниот и во јавниот сектор. Многу малку одредби има во колективните договори за безбедност и здравје при работа. Сметаме дека е потребно во иднина многу повеќе преку колективните договори да се вклучуваат одредби, норми што ќе ги уредуваат овие прашања. Преку колективните договори што ги носат синдикатите и работодавачите во рамки на социјален дијалог, всушност на адекватен и на нив прифатлив начин да си ги уредат овие прашања што се поврзани со безбедноста и здравјето при работа, рече Јовевски.

Тој смета дека генерално во нашата држава не се посветува соодветно внимание на оваа тема и додаде оти тоа треба да се промени. Нашата земја, како што рече, не заостанува зад регионот, дури во некои работи и сме пред одредени земји, како Албанија, Косово, БиХ…Потенцира дека ни се потребни зајакнување на капацитетите на Инспекторатот во делот на надзорот, едукација и промовирање на системот кај работниците и работодавачите, да се гради превентивна култура за заштита…

На конференцијата во текот на денот излагања ќе имаат претставници од науката, синдикатите, работодавачите, претставници од МТСП, Инспекторатот и стручните лица од областа на безбедност и здравје при работа.