Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати побара оставка од премиерот, Зоран Заев откако беа објавени неговите телефонски разговори со руските комичари, за кои мислел дека се Порошенко и Столтенберг.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски вели дека според телефонските разговори, Заев прави обид за корупција, а поради тоа, како што додава тој, премиерот треба кривично да одговара.
Во разговорот со лажниот Порошенко, Заев открива дека е подготвен да му плати на вселенскиот патријарх 100 илјади евра во кеш. Комичарот преставувајќи се како Порошенко во еден момент вели дека за признавање на автономност на православната национална црква тој дал поткуп.
„Му дадов донација лично на Патријархот Вартоломеј, му дадов 100 илјади евра, тоа е еден од условите“, се шегува комичарот во разговорот со Зоран Заев кој што мисли дека разговара со Порошенко. А, Заев одгoвара, сериозно одговара:
„Да, тоа е многу добро. Нема проблем“. Па вели – „Тоа е многу нормално“, внимавајте Заев за давање на поткуп до Патријархот вели „Тоа е нормално“. Па продолжува – „ОК, ќе биде тоа донација во кеш, нормално ќе го направиме тоа“ -истакна Стоилковски на прес конференција.