Постојано се даваат согласности за вработувања во сите јавни здравствени институции во земјата. Само минатата година се обезбедени 3.200 финансиски согласности и таа динамика продолжува и оваа година, нагласи министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на јавната дебата „Јавно приватно партнерство како економски модел за инвестирање”.
Како што информира, со договор на дело во јавно здравствените установи има 1.600 доктори, а сите други се средно медицински персонал.
– Вчера најавивме дека на сите кои се вработени во јавните здравствени установи со договор на дело ќе бидат трансформани, односно ќе добијат договор за работен однос на неопределено време, за што во текот на денешниот ден ќе упатиме известување до сите извори да ни дадат соодветно барање за такво трансформирање на работниот однос. Дополнително, на сите овие мерки за вработување го распишавме огласот за вработување, односно стражирање на шест месеци засега, рече Филипче.
Тој дополни дека се надева оти во текот на следната година ќе обезбедат средства за стажирање до една година. – Ова обезбедување на платено работно место на сите млади доктори кои завршуваат Медицински факултет и го полагаат испитот во Лекарската комора овозможува да се стекнат со работно искуство под менторство на постари колеги, да почувствуваат дека се дел од системот, дека не се дискриминирани по ниту еден основ во јавна здравствена установа и да се мотивираат да останат во земјата со оглед на тоа дека веќе за првото вработување ќе добијат соодветна сума пари, посочи Филипче.