Готова е физибилити студијата за Ин витро фертилизацијата, која е стигната до Министерството за здравство – информира министерот, Венко Филипче. Според него, веќе се почнати и консултации со експерти од таа област, но и за конкретната физибилити студија, за која ќе биде отворена јавна расправа.
„Имаме известување од економскиот оператор за физибилити студијата за Итната медицинска помош дека исто така е готова и дека во овој период ќе се достави до Министерството“, додаде Филипче.
Во врска со тоа колку пари се издвоени за физибилити студиите, тој појасни дека за физибилити студиите распишуваат поединечни тендерски постапки, сите се на електронска аукција и немаат издвоено одредена сума.
„Денеска имав средба со претставници на гранковиот синдикат со кои се договоривме да бидат активно вклучени во анализа на сите резултати од физибилити студијата и заедно со сите претставници на здравствениот сектор, со сите синдикати, со стручните здруженија да отвориме дебата со експерти од други области за заеднични да одлучиме дали тоа нешто може да се имплементира во нашата земја, дали ќе ги видиме овие бенифити и на крајот начинот на кој би го имплементирале во нашиот здравствен систем, рече Филипче“.