Опозицијата повторно бара оставка од Заев, СДСМ вели Мицкоски се става на страната на туѓи интереси – ММС
ММС

Објавено на: 07/10/19 2:13 PM

Опозицијата повторно бара оставка од Заев, СДСМ вели Мицкоски се става на страната на туѓи интереси

Опозицијата денеска повторно побара премиерот, Зоран Заев да си поднесе оставка. Откако призна дека наседнал на шегата на двајцата руски комичари кои се претставувале како Порошенко и Столтенберг, ВМРО-ДПМНЕ реагира дека тој го урива угледот и позициите на земјава.

Според генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев тимот на Заев е неспособен.

„Доколку Заев бил цел на служби кои работат против западните вредности и НАТО неговото однесување покажува дека тој и владата немаат капацитет да бидат рамноправни партнери во алијансата и во телата и сојузите кон кои се стреми Република Македонија. Замислете само што би се случило кога некои двајца вешти припадници на некоја терористичка организација би му се обратиле на Заев и би се претставиле како на пример политички аташеа. Заев и неговите советници со капацитетот кои што го немаат би ги издале и позициите и задачите на македонските војници кои учествуваат во мировните мисии како дел од глобалната алијанса“, изјави Јанушев денеска на прес конференција.

Сепак, од СДСМ сметаат дека Заев ги брани националните интереси. Во писмено соопштение, оттаму обвинуваат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски се става на страната на туѓи интереси, додека Македонија станува триесетта земја членка на НАТО.