Нов сопственик на ФК „Брегалница“ е бизнисменот Кирил Гогов – ММС
ММС

Објавено на: 07/8/19 4:18 PM

Нов сопственик на ФК „Брегалница“ е бизнисменот Кирил Гогов

Општината Штип и официјално го заклучи договорот со бизнисменот Кирил Гогов, откако неговата понуда била единствената на Македонската берза за управувачкиот пакет на АД ФК „Брегалница 2008“. Гогов, кој сопственик на синџир маркети, веќе поседува еден фудбалски клуб, кој се натпреварува во ист ранг како и „Брегалница“.  Градоначалникот Благој Бочварски, при објавувањето на продажбата, не соопшти колку платил Гогов за тие 51% акции.

-До сега Општината одвојуваше од 180.000 до 200.000 евра за фудбалскиот клуб. Мораме да имаме на ум дека се’ додека Општината Штип го води овој клуб ќе има перецепција на еден или друг начин дека е вмешана политика кога се финансира од општинскиот буџет. Многу често „Брегалница“  трошела и многу повеќе пари, во минатото трошела и по 300.000 евра годишно, но најчесто носела незадоволителни, слаби резултати, рече градоначалникот Бочварски.

Но, и покрај вложувањата на над 90% граѓанските пари за спорт, што често наидуваше на реакции кај останатите спортски клубови, „Брегалница“ не успеа да влезе во Првата фудбалска лига.  Општината Штип со оваа трансакција поседува 49% од акциите.

Гогов, рече дека амбициите за влез меѓу најдобрите ги базира на новите засилувања од репрезентативците до 21 година, а најави и нови вложувања.

-Паралелно ќе се вложува како во играчкиот кадар, така и во подобрување на инфраструктурата. Исто така голем акцент ќе дадеме на школата на ФК „Брегалница“. Оваа сезона ќе биде цел на ФК „Брегалница 2008″ враќање во првата фудбалска лига, кадешто како наш голем бренд и е местото, меѓу најдобрите,” рече Гогов.

Останува неизвесно како Фудбалската федерација на Македонија ќе реагира на фактот дека во Втората лига – Исток ќе се натпреваруваат два клуба со ист сопственик.