Штипските активисти со нова герила акција: „И ТОР фрла ѓубре во корпа, а и на Азгард има корпи за ѓубре“ – ММС
ММС

Објавено на: 07/8/19 11:53 AM

Штипските активисти со нова герила акција: „И ТОР фрла ѓубре во корпа, а и на Азгард има корпи за ѓубре“

Ако отпадот се расфрла наоколу, рекреативната пешачка патека во Штип покрај реката Брегалница ќе се претвори во депонија и граѓаните ќе ја изгубат оваа пешачка зона. Ова е пораката што до локалните власти ја адресираа од иницијативата „Штип арт активизам“ укажувајќи на недостигот од корпи за отпадоци.

На креативен начин, поставувајќи знаци според кои отпадот треба да се фрла на соодветните места, граѓанските активисти ги повикаа надлежните да постават нови корпи, а до своите сограѓани апелираат  да се однесуваат совесно кон животната средина.

Имено, оваа акција е наменета за подигање на свеста на нашите сограѓани кои не го зачувуваат ова место кое е едно од ретките во Штип  рекреативни зони. Кантите за ѓубре се искршени, дел ги нема воопшто, а ѓубрето е расфрлано на сите страни. Дури и таму каде што има соодветно поставени канти за ѓубре, сепак, наоколу забележуваме отпушоци од цигари, пластични шишиња, хартии и слично – велат активистите, кои својата нова акција ја насловија „И ТОР фрла ѓубре во корпа, а и на Азгард има корпи за ѓубре“.

Ваквата герила акција следува по онаа во која активистите укажаа на инфраструктурните проблеми во Штип.