Педесет и три илјади евра и до 30 проценти пониска вредност за автомобилски гуми ќе плати Владата преку Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) за набавка на 16 пневматици (осум зимски и осум летни), за три блиндирани возила сопственост на Владата преку СОЗР, кој има можност да се искористат и платат не во рок од една година, како што било пракса досега, туку се до моментот на потребата за замена на истите.
Тоа се наведува во текстот „До 30 проценти поевтино набавени гумите за блиндираниот мерцедес” што го објавува сајтот „Борба против лажни вести и наративи”(F2N2).
Потребата за акцентирање на вредноста и дополнително објаснување за значењето на пневматиците што се набавуваат за трите блиндирани возила на Владата со кои управува СОЗР, истакнува во анализата F2Н2, е како резултат на објавување неточни информации и пласирање вести кои доведуваат до креирање невистинита, лажна слика за трошоците околу набавка на гуми за кои согласно договор постигнат со јавна набавка преку електронскиот систем за јавни набавки, се трошат пари од Буџетот на државата.
Во анализата стои дека годинава првпат цените се драстично пониски од оние за кои се набавувани пневматици за блиндираните возила на Владата од 2014 година наваму. Ако се направи споредба на карактеристиките на гумите договорени со јавната набавка за оваа и следната година, посочуваат, договорот нуди три клучни предности.
Цената е драстично пониска за 28 проценти за летните и за 30 проценти за зимските гуми, наведува F2N2, повикувајќи се на договорите за набавка на пневматици за блиндирани возила од 2014, 2015, 2017, 2018-2019 и за 2019-2020 година. Првпат, стои во анализата, се набавуваат гуми со специјална заштита, односно кит гел за PAX систем, односно гуми со специјална рабна заштита и можност да бидат во употреба и во услови кога пневматиците се оштетени односно гумата е пробиена.
За споредба на вредноста на гумите, нивните карактеристики и целокупната спецификација, може да се погледнат и споредат и официјално потпишаните договори кои се и јавно достапни, посочува F2N2 и дополнува дека во овие договори особено е впечатлива разликата во цени односно помалата вредност на пневматиците договорена со последната јавна набавка.
– Од особено значење е да се акцентира дека во последниот договор од 39 април годинава цената што е постигната вклучува и нова карактеристика на гумите, а тоа е тип на гуми, со кит гел за PAX системот (кој ја зголемува безбедноста на возилото). Доколку се анализира и се бараат информации за оваа карактеристика се доаѓа до информација дека кит гел за PAX системот, кој нуди висок степен на безбедност, има вредност што за околу една третина ја зголемува вредноста на обичните гуми кои досега биле набавувани. И во таков случај, цената на пневматиците е пониска од онаа набавена за обични зимски и летни гуми, стои во дел од анализата на F2N2 за која се повикуваат на договорите за набавка на пневматици за блиндирани возила за 2017 и за 2019/2020 година.
На повеќе веб портали на почетокот на јуни годинава беа пласирани серија вести дека – нeвepojaтни 53.000 евра државни пари ќе се пoтpoшат за набавка на пневматици за блиндиpaниот „Мерцедес” во сопственост на Владата.
Проектот Fighting Fake News Narratives F2N2 (Борба против лажни вести и наративи) го спроведува Граѓанската асоцијација МОСТ со дневен систематски мониторинг на одбрана програма од ТВ канали, социјални мрежи и интернет портали, преку употреба на разни алатки, развиени програми и софтвер со отворен код.лв.
МИА