КУД „Панче Пешев” и гајдаџијата Санде Николов – најдобри на 45. фестивал „Пеце Атанасовски” – ММС
ММС

Објавено на: 07/7/19 10:50 AM

КУД „Панче Пешев” и гајдаџијата Санде Николов – најдобри на 45. фестивал „Пеце Атанасовски”

Културно-уметничкото друштво „Панче Пешев” од Куманово освои Гран-при за најдобри изведувачи на 45. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски” кој синоќа на Рудина кај Долнени заврши со доделување на наградите. „Гајдата на Пеце”, пак, што ја доделува Општина Долнени, ја доби гајдаџијата Санде Николов од Фолклорниот ансамбл „Мугри” од Кочани.

КУД „Панче Пешев” од Куманово е едно од најстарите фолклорни друштва на Балканот кое постои речиси 90 години и на овој фестивал учествува уште од првото издание, а Санде Николов е успешен долгогодишен гајдаџија.

Во двата фестивалски дена во Прилеп и на Рудина кај Долнени учествуваа околу 300 изведувачи од сите краишта на земјава, а имаше и гости од Бугарија. На фестивалот се одржа и симпозиум и беше промовиран Зборникот со научни трудови на тема „Фолклорот во минатото и денес”  при што еминентни музиколози и етнолози го истакнаа значењето на богатиот изворен мелос и улогата што фестивалот „Пеце Атанасовски” ја има во негувањето на народните инструменти и песни и нивното пренесување на младите генерации.

Во рамките на Фестивалот се одржа и петдневна работилница  во која 10-ина млади истражуваа, изучуваа песни и инструменти на терен во околината на Прилеп и на Долнени.

МИА