Дебата за дизајнот и демократијата: Навидум едноставен, но важен социјален концепт за развојот на заедниците – ММС
ММС

Објавено на: 07/5/19 12:47 PM

Дебата за дизајнот и демократијата: Навидум едноставен, но важен социјален концепт за развојот на заедниците

Дизајнот како алатка на директната демократија, помага во развојот на заедниците и има социјален карактер. Ова е заклучокот од дебатата која вчеравечер се одржа во Музејот на современата уметност, во организација на Амбасадата на Швајцарија. Дизајнот е ужасно важен линк до пораките што сакаме да ги соопштиме  – порачаа учесниците на дебатата.

Лазе Трипков од Здружението на графички дизајнери Плакарт објаснува дека дизајнот има социјален карактер бидејќи решава проблеми од секаков аспект.

„Тој наоѓа примена и има одредена функција која треба да послужи во дадениот момент и да подучи. Дизајнот кај нас е категорија што не е вметната во никакви системски класификации. Македонија прва имаше друштво за применета уметност, но дизајнот го оставивме надвор од образовната стратегија. Сметам дека за ова треба сериозно да се продискутира за да ги изнајдеме соодветните графички и стилски решенија и да не го пресликуваме примерот од другите држави“, додава Трипков.

Зборувајќи  за дизајнот како алатка за директната демократија, Џабир Дерала од невладината Цивил, рече дека облиците на демократијата во нашата земја се злоупотребени од политичките партии:

„Македонија е многу назад во смисла на директната демократија. Ако погледнеме колку и какви референдуми сме имале ќе видиме дека тоа се прилично спорадични настани. Директната демократија ја злоупотребуваат политичките партии. Дизајнот може да биде злоупотребен.  Кога генерираме дизајн на негативна кампања, секогаш е полесно. Многу полесно е да дизајнирате кампања што промовира негативни вредности бидејќи таа е директна и валкана, многу полесно е една состојба да се изманипулира и да се покаже обратно од тоа што е, за разлика од позитивните кампањи кои зборуваат за вистинските вредности“.

Дебатата што ја организираше Амбасадата на Швајцарија се одржа во рамките на изложбата „Гласање и гласови”, која содржи постери од швајцарски кампањи за референдуми во периодот од 1918 година до денес.