Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Конгресот на САД, конгресменот Елиот Енгел в недела ќе престојува во работна посета на Република Северна Македонија во рамките на неговата турнеја по земјите од регионот. Конгресменот Енгел за време на престојот ќе има средба со претседателот на Собранието Талат Џафери – соопшти собраниската прес служба.
Енгел и конгресменот Мајкл Мекал, кој членува во Комисијата за надворешна политика на Конгресот на САД на 6 февруари годинава упатија писмо до администрацијата на претседателот Доналд Трамп со барање да го поддржи членството на Северна Македонија во НАТО. Во писмото адресирано до државниот секретар Мајк Помпео, двајцата конгресмени нагласуваат дека членството на нашата држава во НАТО ќе помогне да се обезбеди стабилност и мирот на Балканот.
Инаку, американскиот конгресмен вчера го посети градот Прешево, каде се сретна со претседателот на Општината, Шчиприм Арифи и во таа прилика за Гласот на Америка и Радио Слободна Европа изјави дека „не ја поддржува идејата за размена на територии” и дека „напорите треба да бидат насочени кон постигнување долгорочен мир помеѓу Косово и Србија”.
Пред посетата на Прешево, Енгел во средата во Белград се сретна со српски пратеници и со претседателот на Србија Александар Вучиќ. Во разговорот со пратениците на Собранието во Србија истакнал дека сите несогласувања и непријателства на Западниот Балкан треба да се надминат и дека државите во регионот треба меѓусебно да соработуваат. За разговорите со Вучиќ, пак, кажал дека биле „добри и искрени”. Додал дека го почитува лидерството на српскиот претседател, иако не се согласува секогаш со него и повторно ги повикал двете страни да седнат и да разговараат.