Емил Грнев именуван за нов шеф на стручниот штаб на ФК ,,Кит Го” од Пехчево – ММС
ММС

Објавено на: 07/3/19 6:41 PM

Емил Грнев именуван за нов шеф на стручниот штаб на ФК ,,Кит Го” од Пехчево

Емил Грнев (36) е именуван за нов тренер на екипата на „Кит Го“ од Пехчево. Грнев доаѓа на местото на Добринко Илиевски и ќе го предводи тимот во новата сезона во Втората лига – Исток.

ФК „Кит Го“ креирајќи млада, но перспективна екипа, како што истакна новиот тренер, повторно продолжува со амбициите за значајна улога на второлигашката сцена.

– Огромно задоволство е да се води екипа како „Кит Го“ која се двои во македонскиот фудбал од организациски аспект. Секако, и голем предизвик сега со подновен состав и млади фудбалери да се потврди она што сите изминати години „Кит Го“ го гради за развојот на фудбалската игра во регионот и во државата, вели Грнев, кој претходно во својата тренерска кариера ги предводеше и екипите на Брегалница и Академија Пандев – Постолов.

Како што известуваат од клубот, прв асистент на Грнев во стручниот штаб ќе му биде довчерашниот фудбалер на штипска Брегалница, Лазар Алиев, а тренер на голманите ќе биде Александар Митрев.

Во екипата на „Кит Го“, освен новоназначениот тренер, повторно се враќа и прочуеното име на македонскиот фудбал Трајче Сенев, кој овој пат е назначен на функцијата спортски директор во клубот. Искусниот стратег претходно ја извршуваше функцијата шеф на стручен штаб на ФК „Кит Го“, кога на почетокот од април беше заменет со Добринко Илиевски, а сега се враќа со функцијата – спортски директор.