Пет пријави од укажувачи или таканаречени свиркачи, стигнале до Државната комисија за спречување корупција, откако беше востановен новиот состав. Укажувачите пријавиле дека постојат индиции за коруптивни дејствија и судир на интереси во дел од јавните институции.
Софка Пејовска Дојчиновска од Антикорупциската комисија вели дека за една од овие пријави веќе е отворена постапка.
„Пријавата беше поднесена од вработен во јавна институција на централната власт, којшто поради укажувањето претрпел последици, но поради нашето постапување актот се санираше. Укажувачот пријави дека директорот направил злоупотреба, но бидејќи тоа е мала институција, тој беше препознаен и го прераспоредија. Ние изреагиравме и лицето беше вратено. Вработениот престана да ја трпи последицата од укажувањето и беше вратен на местото на кое бил вработен. Тоа за мене е голем успех. Имам впечаток дека директорот на институцијата препозна дека може да сноси последици за тоа што го прави, изреагира и самиот постапи“.
И Пејовска Дијчиновска и претставниците на невладиниот сектор се едногласни дека на Законот за укажувачи му се потребни измени, за да може тој да најде поголема практична примена.
„Потребно е процесот на укажување институционално подобро да се уреди. Во институциите лицата каде што свиркачот треба да пријави, се на раководни позиции и тоа треба да се промени. Треба ДКСК да има поголема контрола“, смета извршната директорка на Транспарентност Македонија, Ана Јаневска Делева.
Оваа невладина организација денеска во Скопје организираше работилница на тема поврзана со примената на Законот за укажувачи, кој беше донесен во 2015 година, а стапи на сила следната година.