Синдикалците од Клиничкиот центар денеска му порачаа на министерот за здравство, Венко Филипче дека ја губи довербата кај медицинскиот кадар и апелираа до него да почне да се однесува сериозно кон ресорот што го води.
Тие испратија јавно писмо во кое го потсетуваат министерот дека е истечено времето за изградба на двете катни гаражи. Синдикатот во писмото наведува и дека докторите специјалисти во терциерно здравство се уште чекаат да ги добијат ветените 100000,00 денари основна плата од која се многу далеку.
Докторите што ги споменувате со 90 до 100 илјади денари плата ги пополнуваат празните места во градовите каде недостигаат доктори од пооделни специјалистички области. Всушност, поради двојната работа ја земаат и платата на оние што ги нема во тие градови, а треба да ги има. За воља на вистината, согласно важечкиот колективен договор докторите специјалисти во Клинички центар имаат 44517,00 денари основна нето плата. Истекува и времето медицинските сестри и другите здравствени работници да го добијат двојното покачување на платите – додаваат синдикалците.
Тие бараат Филипче да излезе и јасно да каже кои се плановите за подобрување на состојбата во здравството.
Со стратегија на тековно, а не планско решавање на проблемите и оставање за некое идно време, ќе се соочиме со уште поголем одлив и недостиг на здравствен персонал, и ситуација која тешко ќе може да се контролира – предупредува Синдикатот кој смета дека Филипче е обврзан да го спречи одливот на здравствениот персонал од јавните здравствени установи во западноевропските земји или нивниот потенцијален трансфер во приватните болници преку проектот јавно приватно партнерство.
Дали заборавивте дека спротивно на Вашите програмски определби за целиот изминат период основната плата на докторите специјалисти ја покачивте за само 15%, на медицинските сестри и другите здравствени работници и соработници од 10 до 13% и на вработените во администрација за 5%. Како што рековме, времето истекува. И, оставете ги дежурствата. Докторите би Ви биле благодарни да ги укинете дежурствата и да воведете сменска работа. Но, знаете дека тоа е неизводливо поради недоволен број на доктори. Синдикатот на Клинички центар последните преговори со Вас ги имаше на 15.01.2019 година. Со ваквиот однос порачувате дека Синдикатот на Клинички центар е непосакуван социјален партнер, а со тоа дека не сакате да се соочите, а уште помалку да ги решите проблемите на вработените во Клинички центар – истакнуваат синдикалците во писмото. Тие нагласуваат дека немаат намера да го придобијат министерот со прикажување нереална вистина, туку да го подобрат статусот на здравствените работници во земјава.