Џез фестивалот Нишвил го слави 25-от роденден: Програмата претставена и во Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 07/5/19 9:47 AM

Џез фестивалот Нишвил го слави 25-от роденден: Програмата претставена и во Скопје

Од втори до единаесетти следниот месец, Ниш ќе пулсира во ритамот на џез музиката. Градот на југот од Србија по дваесет и петти пат ќе биде домаќин на фестивалот Нишвил кој во фокусот го има токму овој тип музика.

Дваесет сцени, триста програми и илјада артисти – ова се деловите од фестивалскиот мозаик наречен Нишвил, кој следниот месец го слави својот дваесет и петти роденден. Овој Фестивал веќе четврт век се фокусира на џез музиката, но и годинава во периодот од 2 до 11 август, ќе понуди настани за публиката што ја претпочита хип хоп музиката, па и за оние кои се вљубеници во театарската уметност.

Директорот на Фестивалот, Иван Благоевиќ вели не е лесно да се направи една ваква манифестација во град каде што доминира друг тип музика.

„Малку по малку Фестивалот растеше излезе од затворените простории. Многу вешто опстојува на таа тенка линија меѓу уметноста и забавата, проширувајќи се и собирајќи што повеќе љубители на џезот па оперираме со околу 200 илјади посетители. Веќе не е главната програма 4 денови, туку 10. Ќе има и театарски претстави. Имаме соработка со Крушевац, ќе има и филмска програма. Главната програма е на Нишката тврдина, каде ќе има интересни гости, а хедлајнерите ќе бидат Масио Паркер, Дејвид Мареј, Кристијан Скот, гитаристката Малина Моје и саксофонистот Крис Потер“, најави Благоевиќ на прес конференција во Српската амбасада во Скопје.

Оттаму, организаторите го најавија настапот и на Сашо Петровски Трио. Петровски вели – да се живее на Балканот од џез музиката е тешко, но овие години во Македонија, според него, се најдобри за едукација за џез.

„Доста студенти во Штип доаѓаат од Србија и од Турција па за кратко време ќе ги видите плодовите од нашата работа, кога на вакви големи фестивали ќе настапуваат дипломците од УГД. Заедно со мене ќе настапи и контрабасистот Иван Бејков и специјалниот гостин кој доаѓа од Канада, Александар Секуловски“.

Своите впечатоци за оваа манифестација ги сподели и директорот на Скопскиот џез фестивал, Оливер Белопета. И тој и Благоевиќ се согласија дека ресорните министерства во двете земји не издвојуваат доволно средства, но и дека политиката е вмешана во културата.

„Иван и неговата екипа имаат направено вистинско чудо со овој Фестивал, кој со една ваква широка програма излегува надвор од џезот. Тешко е да се направи ваква манифестација во еден град кој по распадот на Југославија се соочи со многу економски проблеми. Многу полесно е да се направи Фестивал во Белград отколку во Ниш. Тешко е да се направи ваков настан со големи размери, кој е во друштвото на најдобрите џез фестивали во Европа. Гардијан го прогласи овој Фестивал за десетте најатрактивни во Европа и сигурно Гардијан тоа не го прави по методите кои се познати за нашите земји како лобирање, едно или друго. Туку поради самата содржина. Јас дури сум и многу љубоморен на Нишвил. Фестивалот го внесе театарот, го внесе филмот. Изненаден сум и од самата публика. Првите години сигурно биле многу тешки за Нишвил, но денес тој има таква публика која секој ја посакува. Самата програма е многу различна, тука нема само џез, има реге, има и фанк.Целиот впечаток е фасцинантен, дури Ниш има и музеј на џезот.Од Македонија има одредена бројка публика што оди таму, четириесетина луѓе, а тоа не е малку. Ова е убав начин да се отвориме и ние повеќе“, посочи Белопета.

Освен во музичкиот, нашата земја ќе биде застапена и во театарскиот дел на Фестивалот. Уметничката директорка Маја Митиќ истакна дека откако ланското издание го отворила режисерката Наташа Поплавска, годинава меѓу петнаесетте претстави ќе биде и онаа на македонско-српскиот театар Лет.