Екс министерот Миле Јанакиески од саботата штрајкува со глад во истражниот затвор Скопје, каде што од петокот се наоѓа во притвор, одреден за најновиот предмет на Обвинителството за организиран криминал и корупција, односно за продажба на државно земјиште.
Адвокатот Еленко Миланов за „Фокус“ појаснува дека Јанакиески е револтиран поради одредениот притвор.
-Прекршен е законот, односно на сила се две решенија за притвор, едното за куќен притвор одреден за случајот „27 април“ и сега за новиот предмет, за кој доби притвор. Тоа е недозволено. За потешка квалификација, за „27 април“ доби куќен притвор, а сега притвор, со истите образложенија дека можел да избега или да влијае врз сведоци, вели адвокатот Миланов, додавајќи дека куќниот притвор се пкажал како ефективен и не требало да се менува за притвор.
За штрајкот со глад на Јанакиески е информиран и Кривичниот суд.
Заедно со Јанакиески во истражниот затвор се уште седумина осомничени за предметот со продажба на државно земјиште, која истрага обвинителството ја отвори во петокот.
Преземено од: www.fokus.mk