Ливерпул подготвува сензација: Трансфер кој ќе предизвика ерупција на „Енфилд“ – ММС
ММС

Објавено на: 07/1/19 4:23 PM

Ливерпул подготвува сензација: Трансфер кој ќе предизвика ерупција на „Енфилд“

Според пишувањата на француските медиуми, Ливерпул е подготвен во своите редови да го врати Филипе Кутињо.

Бразилецот во јануари 2018. година ги напушти редовите на клубот од „Енфилд Роуд“ и ја исполни својата желба да го облече дресот на Барселона, а „Црвените“ на име на трансфер добија 160 милиони евра со сите бонуси.

Се чини дека во Ливерпул поминаа одлично, половина од парите веднаш ги искористија за да го купат Вирџил ван Дајк, а втората половина минатото лето ја потрошија за голманот Алисон.

Тие во изминатата сезона ги пополнија дупките во екипата на Јирген Клоп, која успеа да дојде до трофејот во Лигата на шампионите и до последното коло се бореше со Манчестер Сити за титулата во Премиер лигата.

Од друга страна, Кутињо не успеа да се наметне во Барселона како што посакуваше, започна добро, ја освои двојната круна во првата сезона, но во изминатата пружаше мошне слаби игри, се најде на удар на критики, а самиот клуб имаше разочарувачка сезона, освојувајќи го „само“ трофејот во Примера, додека токму Ливерпул ги исфрли во полуфиналето.

Започнаа и шпекулациите дека Бразилецот би можел да го напушти „Камп Ноу“, медиумите веруваат дека управата на каталонскиот клуб би можела да го вклучи во понудата за Нејмар, кој сака да се врати во Барселона, но поранешниот играч на Интер го бараа и клубови од Премиер лигата, се споменуваа Манчестер Јунајтед и Челзи.

Кутињо изјави дека од почит кон Ливерпул не би можел да игра за друг тим во Премиер лигата, што беше добро прифатено од страна на навивачите на „Црвените“, а според францускиот весник „Le10Sport“, сега управата на клубот од „Енфилд“ почнала да размислува за тоа да му даде втора шанса во своите редови.

Ќе видиме како ќе се одвива оваа приказна, Кутињо навистина би можел да ја напушти Барселона по 18 месеци, дали ќе се врати во Ливерпул, останува да се види.

Извор: sportclub.mk