Работата на антикорупционерите под лупа на граѓански организации – ММС
ММС

Објавено на: 07/1/19 3:14 PM

Работата на антикорупционерите под лупа на граѓански организации

Државната Антикорупциска комисија сега е пренатрупана со работа. Таа треба да обрне внимание на посериозните предмети, но не смее да има одредено селектирање. Ова денеска го порача претседателката на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска.

„Секојдневно ги гледаме активностите на Антикорупциската комисија во делот за утврдување на конфликт на интереси така и во делот на она што значи детектирање и процесуирање на коруптивните да кажам можни дела, заради тоа што на крајот судот треба да ја донесе конечната одлука. Позитивно е што се работи транспарентно, но тие сега се пренатрупани со работа. Мислам дека ќе треба да се обрне внимание на посериозните предмети, не заради тоа што нешто не треба да се работи, се треба да се работи, не смее да има одредено селектирање, но предност треба да имаат побитните и посуштинските предмети поврзани со коруптивност и конфликт на интереси“, рече Цаца Николовска.

Институтот за човекови права и Здружението на граѓани „Транспарентност Македонија“ ќе ја мониторираат работата на антикорупционерите. Тоа ќе го прават во рамките на проектот што ќе го спроведуваат со поддршка од Амбасадата на Велика Британија во Скопје.  Извршната директорка на „Транспарентност Македонија“, Ана Јаневска Делева најавува  дека првиот квартален извештај од мониторингот ќе биде објавен во сетпрември, а ќе се однесува за период од јуни до август.

Мониторингот ќе се прави по нова методологија, произлезена од новите ингеренции на Комисијата согласно новиот Закон. Невладиниот сектор смета дека Комисијата треба да се доекипира и опреми за да може да ја извршува функцијата за субивање на корупцијата и конфликт на интереси во општеството.

Претседателката на Комисијата пак, Билјана Николова вели дека проектот ќе биде можност некој од надвор да им каже колку се транспарентни и неселективни, бидејќи според неа, и покрај самокритиките, друго е кога однадвор ќе им се укаже кои им се недостатоците.