Од утре започнува проектот поврат на ДДВ кај граѓаните – ММС
ММС

Објавено на: 06/30/19 1:52 PM

Од утре започнува проектот поврат на ДДВ кај граѓаните

Владата ќе враќа 15 отсто од ДДВ-то од фискалните сметки кај граѓаните од први Јули, со првата исплата предвидена во декември, а целта е намалување на даночната евазија.

Граѓаните ќе треба да ги пријавуваат податоците од бар кодот на фискалните сметки кои ги добиваат при купување на добра и услуги, преку апликативен софтвер за оваа намена на органот за јавни приходи.

Износот на пресметан данок од кој ќе се враќа данокот изнесува најмногу 12.000 денари во едно тримесечје по физичко лице.

Собранието го изгласа по скратена постапка законот за поврат на дел од ДДВ кај граѓаните, откако беше предложен во средата попладне.

Власта очекува зголемување на регистрираниот промет преку фискални системи на опрема, како и зголемена наплата на даноците, односно намалување на даночната евазија од даночните обврзници, стои во образложението на Законот.

Управата за јавни приходи за „Фактор“ вели дека трошокот за банкарските услуги за поврат на ДДВ кај граѓаните,  ќе биде незначителен.

Надградбата на компјутерскиот систем  ќе ги чини граѓаните само 76 илјади евра, а ќе биде искористена постојната хардверска инфраструктура.