Партијата „Македонска алијанса за европска интеграција” – МАЕИ синоќа го одржа завршниот собир во рамки на изборната кампања за локалните избори што ќе се одржат утре во Албанија. На собирот беа претставени кандидатите за членови во новиот состав на Советот на општината, како и кандидатот за градоначалник Едмонд Темелко, кој по четврти пат ја бара довербата на жителите од оваа општина.
Тој посочи дел од реализираните проекти со кои се подобрени условите за живот на жителите од деветте населени места, а во програмата за следните четири години рече дека се предвидува реализација на многу проекти кои ќе создадат услови за развој на езерскиот туризам, нови работни места и задржување на младите во родниот крај, како и активности за зачувување на македонскиот идентитет, култура, обичаи и традиција.
Темелко на претходните избори во 2007, 2011 и 2015 година беше избран за градоначалник со околу 80 отсто од гласовите, а партијата обезбеди седум од вкупно 13 членови колку што брои Советот.
Негов противкандидат на овие избори е Пали Колевски, кој е кандидат на Социјалиситичката партија, што ја предводи изборната коалиција „Алијанса за европска Албанија”, која исто така има кандидатска листа за советници.