Денеска ќе се одржи првата Парада на гордоста во земјава – ММС
ММС

Објавено на: 06/29/19 6:45 AM

Денеска ќе се одржи првата Парада на гордоста во земјава

Во Скопје денеска ќе се одржи првата Парада на гордоста, со цел за поголеми права на ЛГБТИ луѓето во нашата земја. Настанот го организра Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, од каде нагласуваат дека одржувањето на првата Парада на гордоста или попозната како Скопје Прајд се поклопува со педесетгодишнината од бунтот во Стоунвол – настан кој се смета за пресвртна точка во движењето за правата на ЛГБТИ луѓето.

Поради стигмата, неприфаќањето и насилството со кое ЛГБТИ заедницата секојдневно се соочува, вашето присуство ќе претставува највидливата и најсилната поддршка која може да ја дадете – апелираат организаторите, кои инсистираат да не се носат стаклени и остри предмети, како и балони. Најавено е и присуство на активисти за ЛГБТИ права од Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора.

Пристигнувањето на учесниците ќе биде околу 11 часот претпладнево во паркот „Жена борец“. Еден час подоцна ќе се маршира до Градски пак, каде се најавени обраќања на претставници на граѓански организации и институции. Околу 14 часот ќе почне и музичката програма, во чии рамки ќе настапи и Тамара Тодевска.