Приведените на сослушување во Кривичниот суд, за ВМРО-ДПМНЕ денешната акција е брутален политички напад – ММС
ММС

Објавено на: 06/28/19 4:04 PM

Приведените на сослушување во Кривичниот суд, за ВМРО-ДПМНЕ денешната акција е брутален политички напад

Единаесет лица заработија кривични пријави по акцијата што полициските екипи утрово ја спроведоа на неколку локации во Скопје. Од единаесетмината, десет лица веќе се приведени, а едното се’ уште не е. Седуммина од нив се сослушани пред судија на претходна постапка. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција бара на шестмина од сослушаните да им биде определена мерка притвор,а за едно лице се предложени мерки на претпазливост.

Меѓу приведените е и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Тој и останатите се товарат за склучување 4 договори за продажба на државно земјиште. За деталите, пред Кривичниот суд каде се уште трае сослушувањето, информираше обвинителката Ивана Трајчева.

„На десет од осомничените им се става на товар дека направиле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а на едно лице дека сторило кривично дело несовесно вршење во службата. Станува збор за склучување договори за оттуѓување земјиште во сопственост на државата. Предвидени се договорни обврски кои, а не се испочитувани од страна на изведувачот. Нанесена и’ е штета на државата и не е преминато кон еднострано раскинување на договорите и земјиштето не е вратено во сопственот на Република Македонија“, изјави Трајчева.

Опозицијата реагираше дека во моментот се водат 751 истрага против членови на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи, како што велат оттаму, власта е во тешки скандали.

„Имаме ситуација кога самото обвинителство пред скоро година дена кажа дека било прислушувано, година дена помина никој збор нема кажано што се случува со таа работа. Имаме ситуација кога пред две недели наводно се апсеа дилери на дрога никој не слушнавме што се случи со нив ни дали се во притвор и дали не се во притвор и кои се тие луѓе. Имаме ситуација кога се прават спектакуларни акции за нелегален тутун во државата, ама никој не е уапсен. Но, затоа утрово 6 обични службенички и двајца високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ се уапсени на спектакуларен начин заради различно толкување на административните постапки кои што оставам соодветните органи да ги толкуваат вака или онака. Очигледно целта на Заев и на власта е да се угуши секоја критика. Но, тоа нема да им успее“, изјави партискиот потпретседател, Александар Николовски.

Прашана како ги коментира опозициските обвинувања, обвинителката Трајчева попладнево нагласи дека не се согласува оти станува збор за толкување на одредби кога во случајот има конкретни договорни обврски пропишани во договорот со конкретни рокови кои треба да се испочитуваат.

„Во случај кога имате рокови што се пропишани тука не може да се зборува за толкување, туку можеме само да зборуваме за почитување на тие рокови и што станува во случај и кога тие не се испочитувани. Впрочем договорот го склучуваат две страни, се потпишуваат на истите што значи израз на добра волја и се согласиле на она што е потпишано во самиот договор“, појасни Трајчева.

Инаку, земјиштето кое е предмет на оваа постапка, предложено е да биде замрзнато. Четирите локации од спорното земјиште се продадени за изградба на хотелски комплекс и тоа стои во секој од договорите. Една од локациите е и онаа на која требаше да с егради објектот „шпански скали“ како дел од проектот на претходната влада, Скопје 2014.