Секој трети граѓанин во земјава или 30,1 отсто нема доверба во ниту еден политичар. Со мал пад, премиерот Зоран Заев и натаму останува политичар со најголем рејтинг. Вкупно 18,3 отсто од граѓаните се изјасниле дека имаат доверба во Заев. По потпишувањето на Преспанскиот договор и менувањето на името на државата се забележува раст на рејтингот на Христијан Мицкоски, во кого доверба имаат 11,7 проценти, покажа најновото истражување на М-Проспект, спроведено две години од мандатот на Владата.
И етничките Македонци и етничките Албанци во најголем процент не веруваат во ниту еден политичар (28,8 отсто од етничките Македонци и 33,2 процента од етничките Албанци). Етничките Македонци го преферираат Заев (21,3 отсто), а 16,1 процент имаат најголема доверба во Христијан Мицкоски, покажува анкетата. Етничките Албанци најмногу го бираат Али Ахмети (18,2 отсо), потоа го избираат Зијадин Села (15,9). За Зоран Заев се изјаснуваат 9,3, а за Билал Касами 8,4 проценти од испитаниците.
Доколку утре се одржат парламентарни избори, 25 отсто од испитаниците се изјасниледека би гласале за ВМРО- ДПМНЕ, додека за СДСМ би гласале 23,1 процент. За ДУИ би гласале 5,1, за Алијанса за Албанците (АА) 4,2, а за БЕСА 2,1 отсто од граѓаните.
Споредено со резултатите од пред една година, може да се забележи дека гласовите за СДСМ се намалени (25,5 отсто во 2018-та), а за ВМРО-ДПМНЕ се зголемени (20,6 во 2018-та). Секој трети етнички Македонец би гласал за ВМРО-ДПМНЕ или 34 отсто, додека 26,6 проценти би гласале за СДСМ. Од етничките Албанци 10,8 отсто би гласале за СДСМ, 22,6 за ДУИ, 19,3 за АА и 9,8 за БЕСА.
М-Проспект ја реализира истражувањето на јавното мислење во периодот 15 мај – 7
јуни 2019 година, на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници постари од 18 години.
МИА