Основното јавно обвинителство Велес до Основниот суд во Велес поднесе Обвинителен предлог против едно лице од Скопје, на возраст од 50 години, за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст. 4 во врска со чл. 297 став. 3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.
На 20 август 2017 година обвинетиот управувал со автобус марка „неоплан“ со скопски регистарски ознаки, во сопственост на компанијата „Бус травел“ – Скопје, движејќи се по автопатот А1, делница Велес – Скопје, по средната коловозна лента.
Околу 18:50 часот дошол до местото викано „Пуста Кула“, на околу 4,8 километри по наплатната станица Отовица и притоа, спротивно на одредбата од членот 29 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, не се движел по средината од коловозната лента на која се наоѓал и не ја држел страната и правецот на движење.
Во тој момент започнал да се движи во лево, преминувајќи на левата коловозна лента, по што излегол од коловозот и удрил во заштитната метална ограда, се одвоил од неа и продолжил да се движи по нерамен терен, се превртел на левата бочна страна и застанал на земјената површина.
Како последица на сообраќајната несреќа, 14 патници се здобиле со телесни повреди, 13 патници се здобиле со тешки телесни повреди, а двајца од тешко повредените подоцна починале.
За обвинетото лице на сила се мерки на претпазливост, за кои надлежниот јавен обвинител предложи да бидат продолжени, бидејќи и натаму постојат законските основи.