Во делчевско пронајдена печурка тешка речиси еден килограм – ММС
ММС

Објавено на: 06/27/19 4:33 PM

Во делчевско пронајдена печурка тешка речиси еден килограм

Во пределите на планината Голак, денеска е пронајдена најголемата печурка што некогаш е забележана на подрачјето на Пијанец. Печурката ја пронајде делчевецот Стојан Колев кој е еден од најредовните собирачи на печурки и шумски плодови во делчевско.

– Собирам печурки од дете и вакво нешто досега немам забележано. Големината на печурката е подеднакво распоредена и во делот кај нејзината „капа“, но и во нејзиниот дел кај коренот, така што тежината од речиси еден килограм, навистина ме изненади. Редовен собирач сум на печурки и егзистирам од овој занает, вели Колев.

Тежината на најголемата печурка од 950 грама, денеска беше потврдена во откупниот центар „Фунги Флора“, од каде потврдија дека се работи за најголемата печурка пронајдена во Пијанец.

– Како редовен собирач на печурки се случувало Стојан да пронајде печурки тешки до половина килограм, но денешната дефинитивно е најголемата во Пијанец. Освен оваа печурка, денеска тој успеал да пронајде и печурки со нормална големина, така што неговата заработка ќе биде доста добра, велат вработените во „Фунги Флора“.

Во делчевско, сезоната на печурки е во полн ек. Поради дождовите и сонцето, откупувачите велат дека сезоната ќе потрае уште две недели. Тоа според нив ќе значи можност за нова заработувачка и пронаоѓање на слични примероци, како денешниот гигантски примерок на „вргањ“ кој беше пронајден во Делчево.

МИА