Растат глобалните приходи од туризмот: Кинезите најголеми потрошувачи – ММС
ММС

Објавено на: 06/26/19 4:18 PM

Растат глобалните приходи од туризмот: Кинезите најголеми потрошувачи

Приходите од меѓународниот туризам во 2018 година во светот изнесувале 1.700 милијарди американски долари, што е за 4 проценти повеќе отколку во 2017 година и нов рекорд, со што туризмот го задржа третото место меѓу економските сектори во светот, покажуваат податоците на Светската туристичка организација-UNWTO.

“Силен раст на излезните патувања на многуте пазари ширум светот ги зголеми приходите од меѓународниот туризам на вкупно 1,700 милијарди американски долари, што прави 29 проценти од глобалниот извоз на услуги и 7 проценти од вкупниот извоз на стоки и услуги. Овој меѓународен туризам се консолидира меѓу петте најголеми економски сектори во светот, зад хемиските и индустриите за горива, а пред прехранбената и автомобилската индустрија”, нагласуваат од UNWTO.

Потсетуваат притоа и на нивните претходно објавени податоци за физички туристички броеви, односно за меѓународниот туризам или пристигнувања на странски туристи во светот, кои во 2018 година биле 1,4 милијарди или 6 проценти повеќе отколку во 2017 година, што е значително повисок раст од 3,7 проценти кој во 2018 година е забележан во светската економија.

Очекувањата се позитивни и за оваа година, и финансиски и физички, а експертите од UNWTO се базираат на успехот на туризмот во првите три месеци од 2019 година, за време на кои во светот биле 4 проценти повеќе меѓународни туристички пристигнувања во однос на истиот период во 2018 година. Растот на овие пристигнувања од 3 до 4 проценти се предвидуваат и за целата 2019 година.

Странските туристи кои со нивното трошење во 2018 најмногу придонеле за растот на приходите од меѓународниот туризам се Кинезите, кои во светот потрошиле 277,3 милијарди долари или 5,2 проценти повеќе отколку во 2017 година, а на второ место се туристите од САД со потрошувачка од 144,2 милијарди долари или 7 проценти повеќе. Германците се трети со туристичко трошење од 94,2 милијарди долари или 1,2 проценти повеќе отколку во 2017 година, а четврти се Британците кои минатата година во светот потрошиле речиси 76 милијарди долари или 3,4 проценти повеќе. На петтото место се Французите со растот на туристичко трошење од дури 10,5 проценти, на 48 милијарди долари.

Извор: denar.mk