Кревети опремени со нечисти и искинати кебиња, дотраени душеци и високо ниво на влажност на воздухот – ваква слика констатирал во затворите во Тетово и Гевгелија тимот на Националниот превентивен механизам. Во овие затвори недостига и стручен кадар, а проблем според правниците, е и тоа што нема женско службено лице кое би вршело претрес на притвореничките, или пак на жените кои им доаѓаат во посета.
Во Тетовскиот затвор поради нехуманите услови со наредба на Министерството за правда е затворено притворското одделение. Иако условите во Гевгелискиот затвор не се ништо подобри, ваквото одделение и понатаму функционира – соопшти заменичката народен правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа.
„Во просториите во затворот во Гевгелија нема систем за сигнализација, па притвореното лице во случај на потреба за контакт со службеникот е принудено да вика или тропа на вратата. Во разговорот пак, со лицата добиени се информации дека и во вакви случаи многу често не наидуваат на одговор. Затворот Гевгелија не располага ниту со посебни простории за издржување дисциплинска казна. Истата состојба е нотирана и во Тетово, каде нема посебни простории за самица, па лицата се сместуваат заедно со новопримените осуденици во приемното одделение“, образложи Васка Бајрамовска-Мустафа.
На денешната презентација на годишниот извештај, таа посочи дека проблемот со осудените лица во Затворот Тетово е и оддалеченоста на бањата која е лоцирана во посебен објект. Осудените лица, за да стигнат до бањата, мора да го поминат затворскиот двор, што претставува проблем особено во зимскиот период кога температурите се ниски.
Препораките на Народниот правобранител прифатени, но во пракса неспроведени
Од канцеларијата на Народниот правобранител веќе издале и препораки за тоа како да се подобрат состојбите во полициските станици од општа надлежност, но сепак, не се постапува по нив. Правниците констатирале дека таму треба да се подобрат материјалните услови, но и да се промени деградирачкиот третман кон задржаните и лицата лишени од слобода.
„Органите ги прифаќаат нашите препораки, но во пракса не ги спроведуваат, особено ако имплементацијата е поврзана со обезбедување финански средства“, изјави Бајрамовска-Мустафа.
Како пример, таа ја наведе неготинската полициска станица. Од шест препораки прифатени се само две, па со моментната состојба се повредуваат човековите права на лицата лишени од слобода, односно не се почитуваат стандардите за задржување лица поставени од Европскиот комитет за тортура.
Одговарајќи на новинарско прашање, каков механизам ќе применат штом досега не се прифаќаат нивните пораки, таа посочи:
„Мандатот на Националниот превентивен механизам е да врши превентивни посети, да доставува извештаи во кои ќе го нотира слабостите. Во рамките на институцијата Народен правобранител постои тесна поврзаност во функционирањето на Националниот превентивен механизам од една страна и Народниот правобранител како заштитник на човековите права од друга страна. Тоа значи дека постојат други механизми кои Народниот правобранител може да ги преземе во случај на непочитување на неговите препораки. Но, го користиме моментот јавно да укажеме на непостапувањето и несериозниот пристап на органите, па јавната критика е еден од инструментите што Народниот правобранител може да ги искористи за непочитување на препораките“.
Годишниот извештај кој беше презентиран денеска ќе биде доставен до Владата, Собранието, надлежните министерства, но и до меѓународните институции кои работат на полето на заштитата на човековите права.
Вања Мицевска