Благодарение на поддршката на дебарските иселеници во САД, а во соработка со Општинската организација на Црвен крст, и ова лето ќе има спасувачи на вода кои ќе се грижат за безбедноста на капачите на Дебарско Езеро.
Како што соопшти Исни Телќиу, секретар на дебарскиот Црвен крст, одлуката ја донел Управниот одбор на татковинското здружение „Дибра”,со седиште во Њујорк.
Според Телќиу, и годинава ќе бидат ангажирани шест спасувачи на вода кои ќе бидат лоцирани на две места на градската плажа, во периодот од 1 јули до 31 август.
– Ова е трета сезона како имаме спасувачи на вода, што немавме еден подолг период. Тоа не би можеле да го реализираме доколку не добиевме подршка од татковинското друштво „Дибра” на дебарските иселеници во САД. Како и изминатите две лета, тие обезбедија финансиски средства за престојот на спасувачи во текот на летната сезона. Од наша страна организираме дополнителна обука за спасувачите, како и обука за давање прва медицинска помош при полесни повреди, рече Телќиу.
Ќе бидат лоцирани од 1 јули до 31 август на две места на градската плажа каде има и најголема посетеност.
На брегот на Дебарско Езеро во летниот период дневно има стотици капачи, а за време на викендите и околу две илјади, така што спасувачките екипи се неопходност.