Почитувањето на државните симболи се учи од најрана возраст – ММС
ММС

Објавено на: 06/24/19 8:01 AM

Почитувањето на државните симболи се учи од најрана возраст

Химната, грбот и знамето се државни симболи на Република Северна Македонија. Иако постојат закони и протоколи за нивна употреба, честопати се случуваат грешки, особено при истакнување на знамето, негово подигање на јарбол, употреба со други знамиња, при истакнување на знамето во затворени простории, на автомобил, на половина копје… Оттука се поставува прашањето колку знаеме ние за нив и ги почитуваме како национални обележја на државата и на народот.

Законска рамка
Употребата на знамето на државата е утврдена со Законот за употребата на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија („Службен весник” број 32/97 и 110/08) и Правилникот за начинот на истакнување и веење на знамето („Службен весник” број 156/07).

Во Законот за употреба на знамињата на заедниците во државата, пак, јасно се дефинирани правото и начинот на употребата на знамињата преку кои заедниците ги изразуваат својот идентитет и особеностите, во јавниот и службениот и приватниот живот. Советот на единицата на локалната самоуправа донесува одлука за употребата на знамето во јавниот и службениот живот.

Во општините каде што живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50 отсто од населението во таа единица на локалната самоуправа, во согласност со членот 2 од овој закон, пред и во објектите на органите на единицата на локалната самоуправа се истакнати знамето на државата и знамето на таа заедница.

Во мултиетничките општини пред и во објектите од јавен и локален карактер, јавните служби и правните лица основани од единицата на локалната самоуправа, на улиците, плоштадите, покрај знамето на државата, се истакнува и знамето на заедницата. Знамето на заедницата се истакнува во денови на државни и други празници утврдени со закон, во денови на празници на заедниците, во денови на општински празници утврдени со одлука на Советот, при официјално доаѓање на висок претставник на меѓународната заедница и во денови на одржување манифестации од локален и меѓународен карактер.

Доколку се истакне знамето на заедницата, во мултиетничките општини се истакнува и знамето на државата. Знамето се истакнува при мултилатерални настани, натпревари и други собири (јавни, научни, културно-уметнички, спортски и други), на кои единицата на локалната самоуправа е организатор, учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржување на тие собири и – при прослави, свечености и други јавни културни, спортски и слични манифестации што се од значење за единицата на локалната самоуправа. Знамињата се истакнуваат истовремено пред и во објектите во кои се одржуваат средби, натпревари, собири, прослави, свечености и манифестации.

Припадниците на заедниците знамето преку кое ги изразуваат својот идентитет и особеностите имаат право да го употребуваат во приватниот живот и при одржувањето културни, спортски и други приредби што ги организираат припадниците на заедниците во Република Македонија.

Иако во законот се предвидени парични казни за правни лица и за одговорното лице, сепак се случуваат грешки и сквернавење на македонското знаме, а фотографии и видеа за тоа се објавуваат на социјалните мрежи. Неодамна албанското знаме беше истакнато и на Самуиловата тврдина во Охрид.

Состојбата со употреба на знамиња во Град Скопје 

На подрачјето на Град Скопје се поставуваат знамиња по повод државни празници, празникот „13 Ноември” и други пригоди утврдени со закон (посета на странски државници, избори и други настани). Се поставува знамето на државата и на Град Скопје на магистралните улици.

Поставувањето знамиња на булеварите и магистралните улици се регулира со посебна програма што е одобрена од страна на Советот на Град Скопје (Програма за изменување и дополнување на Програмата за украсување на Град Скопје со знамиња по повод државни празници и други пригоди), што се донесува секоја година.

Со оваа програма се утврдуваат сите активности, динамиката на нивната реализација и обемот, каде што како денови на кои се поставуваат знамиња се наведени државните празници согласно Законот за празници (24 Мај – Св. Кирил и Методиј, Ден на сесловенските просветители, 2 Август – Ден на Републиката, 8 Септември – Ден на независноста, 11 Октомври – Ден на народното востание, 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба и 8 Декември – Св. Климент Охридски), 13 Ноември – Ден на ослободувањето на Скопје, како и во други пригоди утврдени со закон (посета на странски државници, избори и други настани).

Како активности согласно Програмата се наведени поставувањето на знамињата на држачи поставени на столбови од јавното осветлување (на висина од пет метри), како и транспортот, складирањето и одржувањето на знамињата (перење и пеглање), на дрвените и на металните држачи за знамиња.

Поставувањето на знамињата почнува 24 часа пред, а завршува најдоцна четири часа пред настапување на празникот, додека нивното отстранување почнува осум часа по завршувањето на празникот, а завршува најдоцна за 24 часа.

Задолжен за овие активности е Секторот за комунални работи на Град Скопје, а извршител на активностите е ЈП „Паркови и зеленило” – Скопје.

Оваа година, со последниот ребаланс, за оваа намена од буџетот на Град Скопје се наменети 800.000 денари.

Нашата земја е пример за мултиетнички соживот и меѓусебно разбирање, а почитувањето на националните обележја на државата и на народите треба да почнува од најрана возраст, од дома и од образовните институции. Надлежните органи треба да постапуваат согласно законските решенија, да опоменуваат и да казнуваат.