Лазаров: Децата после кампот ќе бидат побогати со нови знаења, пријателства и убаво животно искуство
Со пристигнување на над 190 учесници од првата смена во Охрид, стартуваше петтото издание на ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“. Како и претходните четири и годинава кампот се одржува во две смени и истиот има интернационален карактер, со учество на над 380 деца од 13 земји.
Традиционално, кампот го отвори идејниот творец, најдобриот македонски спортист Кирил Лазаров:
– „На сите кампери кои оваа година ни ја дадоа довербата и се присутни тука во Охрид би сакал да им посакам добредојде на нашиот камп, да имаат успешен камп што подразбира добри тренинзи, да излезат од тука побогати со знаење, со нови пријателства и убаво животно искуство. На нашите тренери им благодарам за прифатената покана и одвоеното време да бидат дел од овој камп. Се надевам дека ќе имаме успешен камп и ви посакувам прекрасни седум дена тука во Охрид“ – изјави Лазаров.
Како што беше најавено претходно, од самиот почеток на кампот како гости на капитенот пристигнаа и Верољуб Косовац и екс германскиот репрезентативец и поранешен соиграч на Лазаров во француски Нант, Доминик Клајн.
Покрај Косовац и Клајн, следните денови кампот ќе го посетат и повеќето македоснки репрезентативци, како и тренери од Данска и Шведска кои се специјализирани за работа со млади категории.