Преспанскиот договор ќе биде прифатен од која било грчка влада, ќе има период на градење доверба, период на запознавање, но ќе најдеме разбирање со која било грчка влада дека патот по кој тргнавме е важен за двете држави. Станува збор за мост на пријателство што го поздрави целиот свет, изјави синоќа шефот на дипломатијата Никола Димитров во емисијата Топ тема на„Телма“, говорејќи за претстојните парламентарни избори во Грција.
Нагласи дека не може да прејудицира кој ќе победи, дали Алексис Ципрас ќе загуби и на негово место ќе дојде опозициската Нова демократија, предводена од Киркјакос Мицотакис, но истакна дека која било грчка влада со текот на време ќе го сфати значењето на процесот на помирување и она што е постигнато со Преспанскиот договор.
Во однос на можноста Договорот да биде реотворен од страна на Мицотакис, доколку дојде на власт, нешто што најави дека ќе го прифати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Димитров истакна дека верува без разлика кој ќе ја предводи новата грчка влада дека ќе се најде начин за се разбере значењето на нешто што е суштинско и кое беше поздравени од ОН, ЕУ и целата меѓународна заедница. Договорот има голем влог, додаде тој, во смисла на кредибилитетот што го имаме пред светот.
Во врска со Договорот со Бугарија и работата на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, која успеа да најде заеднички јазик за праиисторијата, антиката, па и за средниот век, но се уште не и за ликот и делото на Гоце Делчев, Димитров вели дека ваквите прашања треба да се решаваат со многу мудар пристап.
Нагласува има разлика во очекувањата на двете страни во Комисијата. Појаснува дека Софија сака побрзо да се усогласат спорните делови од историјата, „а наша задача е да им создадеме на историчарите услови, во кои ќе можат да донесат вистински решенија засновани на факти, но и меѓусебно почитување”.
На прашањето дали изјавите дека Гоце Делчев е Бугарин остава простор за ваков пристап, Димитров нагласи дека во Софија му било поставено обратното прашање. – Јас не сум историчар, а тука станува збор за еден од нашите најголеми херои, длабоко втелемен во нашата државност, кој дејствувал и кога не сме имале своја држава, рече шефот на дипломатијата и додаде дека идентитетско-културните прашања треба да бидат предмет на историчари и антрополози, кои ќе ги имаат предвид двете перспективи.
Напомена дека постојат две ситуации кога може да дојде до уривање на овој процес. -Првиот ризик е ако се преправаме дека се зближуваме и дека разговараме за тешки прашања, а другиот ризик е ако има условување и несоодветен притисок, имајќи предвид дека Бугарија е земја-членка на Унијата, додаде тој.
-Тука, кај Гоце, процесот не оди така мазно, има проблеми на имплементација на еден важен и тежок Договор. Решението е да не влеземе во конфликт, туку да најдеме начин ние да ги разбереме нив и тие да не разберат нас, нагласи шефот на дипломатијата.
МИА