ЕУ експерти: Одлагањето на датумот за Македонија е грешка која не смее да се повтори – ММС
ММС

Објавено на: 06/19/19 4:23 PM

ЕУ експерти: Одлагањето на датумот за Македонија е грешка која не смее да се повтори

Ден по одлагањето на одлуката за почеток на преговори со Македонија, експертите за проширувањето во ЕУ  во изјава за македонската информативна агенција предупредуваат дека оваа „стратешка грешка” не смее да се повтори во октомври.

Македонија е „жртва” на внатрешната политика на Европската унија, смета Роза Балфур од Германскиот Маршалов Фонд (ГМФ) и вели дека вината е целосно на страна на ЕУ во овој случај, но и дека не верува дека ЕУ би ризикувала во октомври да го изгуби сиот свој кредибилитет токму во регионот во кој е најпопуларна. Според неа, сепак, на уверувањата која му ги дала канцеларката Ангела Меркел на премиерот Зоран Заев треба да се има доверба, иако, според неа, никогаш нема гаранции.

„Друг проблем, освен домашната политичка сцена, со кој се соочуваат земјите членки во однос на проширувањето е што преговарачкиот процес очигледно не носи задоволителни резултати. Има и загриженост околу тоа дека процесот на преговарање не функционира. Извештаите за други земји како Србија и Црна Гора покажаа толку малку прогрес што ги загрижува тие што го следат процесот, дека овој процес на дава резултати, дека треба да се најдат нови стратегии за да остане Балканот близок до ЕУ“, смета Балфур.

Со сличен став е и Тоби Вогел, поранешен новинар и долгогодишен набљудувач на односите ЕУ-Балкан.

„ЕУ се заложи да донесе одлука и тоа не го стори, не го испорача ветеното“, коментира Вогел.

Експертите предупредуваат и дека вчерашното одлагање на преговорите, посебно за Македонија по компромисите направени во спорот со Грција, носат значајни ризици за земјата и пошироко за регионот.

Според двајцата експерти, ризикот е поголем за негативна одлука за Албанија во октомври отколку за Македонија, бидејќи има едногласност дека Скопје ги исполнило сите барања, на политички и реформски план. Меѓутоа, сигналот даден вчера на Советот на општи работи во Луксембург, според нив, е загрижувачки од аспект на самата заложба на ЕУ кон проширувањето.