Немате причина да се чувствувате разочарано – порача денеска словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, кој е во посета на нашата земја.
Според Лајчак, кој е актуелен претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), одлуката на Советот за општи работи на состанокот во Луксебург за почеток на пристапните преговори е одложена од технички причини. Сепак, тој оценува дека имало многу добра и позитивна енергија и многу министри кажале убави работи за нашата земја.
„Немаше ниедна земја членка која што рече не за Северна Македонија. Земјите членки имаа проблем со Албанија и ова е дилема со која мора да размислуваме и да се справиме со неа. Има една резолуција од Холандскиот парламент, која што вели дека тие се против покана за Албанија и мислам дека во овој период до октомври треба да биде искористен од страна на Владата во Тирана да се справи со таквата загриженост која постои во земјите членки во врска со нив. Тие рекоа дека ова не е време за проширување, треба да се фокусираме на Брегзит и на консолидација, но преовладувачкото мнение е дека вашата земја направи одлични нешта со Преспанската спогодба и заврши одлична работа со реформите и сега е наша одговорност да го завршиме нашиот дел од домашната задача и да ви упатиме покана. Очекувам да се материјализира во октомври, рече Лајчак“, изјави Лајчак претпладнево на заедничка прес конференција со македонскиот колега, Никола Димитров.
Во одос на заклучоците од Советот за општи работи во Луксембруг, Димитров истакна дека земјава не може да биде задоволна без да има одлука во октомври.
„Мислам дека нашиот успех ќе биде важен сигнал за целиот регион, дека европската врата е отворена и европската визија за Западен Балкан постои. Доколку такво нешто не се случи, тогаш тоа ќе биде точка на таа перспектива. Ние ќе продолжиме да си работиме дома, тука е иднината на СЈО, меѓутоа мислам дека товарот во следните неколку месеци е на земјите членки“, рече Димитров.
По средбата со Димитров, Лајчак се сретна со претседателот Стево Пендаровски .