Од една страна во име на нивното партиско единство или за привлекување гласачи, не се колебаат да застанат до етнопопулизмот и да говорат за предавници и предавства во македонското прашање, а од друга страна велат дека ќе се погрижат да се почитува овој, според нив предавнички договор, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на синоќешниот партиски митинг на СИРИЗА во Атина, упатувајќи критики до неговите политички противници во однос на надворешната политика, јави дописничката на МИА од Атина.
Ципрас додаде дека неговите политички предавници се однесуваат на „неодговорен и кратковиден начин” и ги праша зошто толку ги интересира почитувањето на договорот, ако го сметаат за предавнички.
– Од една страна говорат за предавници и предавства. Но, од друга страна овие денови, пред изборите, ни велат дека единственото што ќе го направат, ако бидат избрани е да се погрижат да се почитува, овој, меѓу другото за нив, предавнички договор. Но, ако навистина е предавнички, зошто толку ги интересира да се почитува? Хипокризијата во нејзината големина, рече Ципрас
Говорејќи за безбедноста и нејзиното значење во сите области од животот, грчкиот премиер и лидер на СИРИЗА на првиот предизборен митинг одржан синоќа во Атина, рече дека „безбедноста не е збор во рекламна кампања, туку е перспектива за сегашноста и иднината за сите Грци”. Се осврна и на безбедноста на самата Грција, оценувајќи дека безбедност се и сојузништвата што се градат со народите од Балканот и „пријателството и соработката со соседите од север за кои по Договорот од Преспа ние стануваме гаранти и за нивната безбедност, но и за нивниот европски тек”.
МИА