ОН: Рекордни 70,8 милиони раселени луѓе во светот – ММС
ММС

Објавено на: 06/19/19 10:40 AM

ОН: Рекордни 70,8 милиони раселени луѓе во светот

Рекордни речиси 71 милиони луѓе се раселени ширум светот како последица на војни, прогони и други насилства до крајот на 2018 година, што е за два милиона повеќе отколку во 2017, се наведува во денеска објавеното соопштение на Агенцијата на Обединетите нации за бегалци.

Во годишниот извештај „Глобални трендови“ Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) се сметаат бројот на бегалци во светот, бројот на баратели на азил и бројот на интерно раселените на крајот на 2018 година.

Агенцијата соопшти дека 70,8 милиони луѓе се насилно раселени до крајот на минатата година, а една година претходно биле 68,5 милиони.

Како што се наведува, вкупно до крајот на 2018 година имало 25,9 милиони бегалци, 41,3 милиони интерно раселени и 3,5 милиони баратели на азил.

Тоа е зголемување од речиси 65 отсто во однос на пред десет години.