Стартува проектот поврат на ДДВ кај граѓаните,чувајте ги сметките, првата исплата во декември – ММС
ММС

Објавено на: 06/19/19 10:25 AM

Стартува проектот поврат на ДДВ кај граѓаните,чувајте ги сметките, првата исплата во декември

Поврат на 15 отсто од ДДВ кај граѓаните ќе почне да се спроведува од 1 јули, најави денеска премиерот Зоран Заев кој  додаде дека е исполнето уште едно ветување на враќање на парите кај граѓаните, мерка која ќе важи за сите подеднакво, а со која и граѓаните ќе помогнат во битката против сивата економија.

Сите граѓани постари од 15 години ќе имаат право на поврат на ДДВ на секоја фискална сметка до 500 евра.

Првиот финансиер на државната каса Драган Тевдовски објасни дека граѓаните во рок од десет дена од добиената фискална сметка ќе треба да испратат скениран код од сметката преку апликација на УЈП , откако ќе се регистрираат во системот.

Исплатата на парите ќе се врши на секои три месеци, а првите пари ќе бидат вратени во декември, а потоа во февруари, март и во август. Проценките се дека на овој начин ќе бидат вратени кај граѓаните 50 милиони евра. На едно четиричлено семејство годишно се очекува да му бидат вратени околу 28.800 денари, пари за кои граѓаните нема да плаќаат персонален данок.

– Граѓаните чесно ќе си бараат фискална сметка, а државата исто така чесно ќе им  врати 15 отсто  ДДВ – рече премиерот Заев кој оцени дека станува збор за многу сериозен и добро разработен проект подготвен да стартува без проблеми.

Директорката на УЈП ,Сања Лукаревска наведе дека системот е подготвен и дека апликацијата е едноставна и лесна за користење.

„Изминатиот период тим на врвни професионалци работеше на проектот. Прв е од ваков вид на Балканот. Динамичниот начин на живеење наложува ефикасен начин на користење на времето, затоа начинот е брз и едноставен. Претпополнетата даночна пријава се покажа како успешен проект, затоа веруваме дека и овој ќе биде таков.  Од 1 јули фискалните сметки нема да бидат парче хартија. Апликацијата „Мој ДДВ“ скенира само валидни сметки со скенирање на бар-кодот, незаконските нема да ги препознае.  Затоа веруваме дека граѓаните ќе станат партнери во борбата со сивата економија и ќе бидат инспектори на еден начин. Постарите ќе може да побараат да бидат регистрирани од нивните најблиски, од помладите роднини.  Апликацијата е направена така што ќе има и извештај да може да се види колку пари ќе му бидат вратени на пример во декември при првата исплата“, рече Лукаревска.