Сто и шест години од Тиквешкото востание се навршуваат денеска, 19 јуни, а историчарот Петре Камчевски од Кавадарци, во изјава за МИА раскажува детали за ова востание.
По завршувањето на Првата Балканска Војна и протерувањето на Турците од Балканскиот Полуостров, територијата на тогашна Македонија била поделена на интересни сфери на влијание. На десната страна на реката Вардар биле сконцентрирани српските воено административни сили или Тимочката дивизија, а на левата, бугарските воени сили, четвртата армија. Веднаш по назначувањето на потполковникот Драган Урошевиќ за командант и управник на Кавадарци, српските воени сили ги покажале своите асимилаторски и денационализаторски тенденции.
-Како прво, тој го разрешил кметот на Кавадарци Тасе Бошков и шестчлената мешана комисија составена од Македонци и Турци, кои привремено управувале со градот. Тој им кажал дека оттогаш па натаму, ќе било така, како што тој ќе кажел. Веднаш потоа биле истерани од работа сите учители, а на нивно место биле донесени учители од Србија. Оние кои сакале да останат, биле приморани да одат на курс во Белград, каде требало добро да го научат српскиот јазик и српската историја. Најнапред била затворена третокласната нижа гимназија во Кавадарци, а биле уапсени учителите Ристо Михов, Ѓошо Бадев, Борис Минчев, Димитар Коцев и други. Набргу истата судбина ги нашла и свештениците во Тиквешко, а нивниот архиерејски старешина Глигорие Лазаров бил претепан, затоа што се обидел да го пречека својот митрополит на железничката станица во Криволак. Во една турска куќа во Кавадарци, српските војници ги убиле сите нејзини членови, само затоа што им се спротивставиле на војниците да пљачкаат во куќата, раскажа Камчевски.
Во селото Ваташа, продолжи тој, биле безмилосно претепани Зарко Илиев, Тодор Мицев и Лазар Хаџи-Јорданов, без никаква причина.
-Во истото село била тепана и измачувана и Наца Пинџурова, мајка на војводата Димитар Пинџуров, од неа било барано да каже каде е нејзиниот син. Бидејќи паднала во бессознание, комшиите ја кренале на носилка и ја однеле дома. Во Кавадарци бил убиен младинецот Александар Видов, кој на прашањето на управникот на градот, Урошевиќ, дали е Србин или не, одговорил негативно. Поради страв од револт на народот, неговото тело било тајно изнесено од градот и закопано на скришно место. Така што, до ден денешен не се знае каде е неговиот гроб. Во Ваташа била силувана Марија Тодорова од страна на поручникот Милан Керковиќ, само еден ден по нејзината свадба, соопшти Камчевски.
Револтот на населението од овој крај од ден на ден бил се поголем.-Така во почетокот на јуни 1913 година, поранешните војводи и револуционери, Дончо Лазаров, Мишо Шкартова, Димитар Пинџуров, Тасе Мурџев, Коцо Сеизов, Тодор Камчев и други, се собрале во куќата на Јованче Шкартов и се договориле да го подготвуваат револтираниот народ за вооружено востание. На овој состанок присуствувал и Петко Пенчев, претставник на бугарската Влада, кој им ветил несебична помош на востаниците. Тука биле и вооружените чети на ВМРО на Христо Чернопеев, Ѓакон Евстатиј, Васил Чакаларов, Петар Чаулев и други, кои исто така понудиле поддршка за востанието. Бил формиран Главен штаб на востанието, во кој влегле дваесетина видни револуционери од Кавадарци, Неготино и Ваташа, информираше Камчевс
На 19 јуни востаниците го објавиле востанието, со биење на камбаните и пукање во општинскиот писар и другите српски чиновници во Кавадарци.
-По силниот напад, градот бил ослободен од српската власт. На општинската зграда било симнато српското знаме и било подигнато револуционерното, од 1903 година, на кое пишувало „Слобода или смрт”, а под него, „Тиквешки револуционерен округ”. Во наредните денови биле ослободени Неготино на 22 јуни и Криволак, како и сите поголеми села во Тиквешијата во кои имало сконцентрирано српска војска. Градот Кавадарци бил слободен цели седум дена, а биле ослободени и педесетина села, меѓу кои и некои од прилепска општина, рече Камчевски.
За тоа време не бил регистриран ниту еден инцидент помеѓу македонското и турското население во Кавадарци.
-По седум дена, голема српска војска предводена од Василие Трбиќ, помогната од башибозучки чети на Јован Бабунски, Јован Долгачот и Јаја Ага Малиќ, ги нападнале востаничките позиции кај Неготино, потоа кај Сирково, Рибарци и Манастирец. Штабот на востаниците бил на Љубаш, од каде се гледала целата линија на фронтот. Востаничките сили кога слушнале дека голема српска војска заедно со турските наемници се приближуваат кон Кавадарци, се разделиле на повеќе од 10 групи и се распоредиле фронтовски по целата линија на фронтот, на 5-6 километри северно од Кавадарци, во близина на селата Манастирец и Рибарци. Тука српските чети биле наполно разбиени и биле приморани да се повлечат кон Градско и Велес, оставајќи голем број убиени и ранети војници и големо количество оружје, меѓу кое и повеќе тешки митролези. На двапати српската војска повторно напаѓала и била одбивана и принудена да се врати назад, но отсуството на ветената помош придонела големата српска војска и башибозук да ги разбијат востаничките сили, кои биле приморани да се повлечат спрема Конопиште и планината Кожуф, раскажа Камчевски.
По задушувањето на востанието, настанал страшен терор.
-Биле убиени 545 луѓе, според наодите на Карнегиевата комисија, покрај тоа што вистинската бројка била многу поголема. Најмногу убиени имало во Неготино, 117, во Бохула 46, Ваташа 37, Сирково 26, Кавадарци 25, Дреново 13, Марена 12, Мрзен Ораовец 11 и слично. Биле запалени повеќе од илјада куќи, а 2700 луѓе биле затворени. Исплашени од репресалии, за кратко време од Тиквешијата се иселиле повеќе од 3.000 семејства, најмногу во Бугарија и никогаш повеќе не се вратиле во своите домови. Тиквешкото востание и последиците од него, го претставуваат најголемиот терор во поновата историја на народот од овој крај, завршува Камчевски.
МИА