Лајчак во интервју за МИА: ЕУ мора да го исполни ветеното за Северна Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 06/19/19 7:27 AM

Лајчак во интервју за МИА: ЕУ мора да го исполни ветеното за Северна Македонија

Северна Македонија стигна подалеку отколку што можеше да се претпостави пред неколку години и сега е време да се наградат напорите на државата. Дискусиите за датумот за преговори продолжуваат, а неколку месеци нема да направат голема разлика за граѓаните на Северна Македонија. Оваа година мора да го донесе заслужениот успех за отворање ново поглавје во односите на земјата со Унијата.

Ова го порача шефот на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак и актуелен претседавач на ОБСЕ во екслузивното интервју за МИА, кое го даде еден ден пред официјалниот дел од неговата посета на земјава. Лајчак од вчера во улога на претседавач на ОБСЕ, но и на шеф на словачката дипломатија е во Скопје, а денеска тој ќе има средби со високи државни функционери, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, граѓански организации.

Во врска со одложувањето на датумот, наместо првичните очекувања овој месец, за оваа есен, Лајчак во интервју за МИА вели дека неодамнешните постигнувања се навистина извонредни, земјата стигнала подалеку одошто можело да се замисли пред неколку години. Нагласува дека Словачка верува дека е време е да се наградат напорите на земјата и да се испрати позитивен сигнал до граѓаните.

Тој додава дека неколку месеци нема да направат огромна разлика за народот на Северна Македонија кој чекаше толку долго, но сепак силно верува дека „оваа година мора да го донесе заслужениот успех за отворање ново поглавје во односите меѓу вашата земја и ЕУ”.

Лајчак за Преспанскиот договор со оценка дека со него магичниот круг на националистички митови бил растурен со политичка волја и храброст и со надеж дека тој ќе служи како инспирација за другите во регионот и ќе придонесе за регионално помирување. Вели тоа што е договорено во него е неповратен процес.

За 27 годишната Мисија на ОБСЕ во Скопје, нејзините достигнувања, нејзината работа во процесот на стабилизација и демократизација на земјата говоревме со Лајчак во интервјуто за МИА. Меѓудруготот тој се осврна и на работата на СЈО, за која неодамна Мисијата во Скопје го претстави втор преоден извештај. Ги повика сите политички партии да постигнат договор за нацрт-законот за ЈО, кој ќе ги задоволи очекувањата на јавноста дека корупцијата ќе се казни и дека институциите на правдата ќе продолжат да се зајакнуваат.

Господине Лајчак, денеска сте во посета на Северна Македонија. Можете ли да ни кажете повеќе за целта на Вашата посета, со кого имате план да се сретнете и која е пораката што планирате да ја испратите за време на посетата на Скопје?

Мојата посета на Северна Македонија е дел од мојата заложба да ги посетам сите теренски операции на ОБСЕ. Во Скопје сум првично како Претседавач на ОБСЕ со цел да ја поддржам работата на Мисијата, да дискутирам за можностите за подобрување на нашата соработка со властите и да ја изразам поддршката на ОБСЕ во ова важно време за земјата. Преспанскиот договор претставува огромен успех и навистина е пример за успешна демократија и решавање спорови. Долго време се чинеше дека спорот со името е нерешлив, но со вистинско лидерство, вистинска визија и вистинска храброст се изнајде решение. И тоа веќе ја подобри регионалната безбедност. Сега, земјата треба да продолжи да се фокусира на реформската агенда и да ја продолжи позитивната динамика која ја постигна.

ОБСЕ работи на поддржување на реформската агенда на Северна Македонија, која ѝ помага на земјата подобро да ги исполни своите заложби во ОБСЕ и истовремено да се доближи до исполнувањето на своите стратешки цели. Мисијата на ОБСЕ во Скопје е особено добро поставена да помогне во тој поглед, работејќи во силно партнерство со Владата, политичките партии и граѓанското општество.

Но овде сум дојден и во уште едно својство. Како министер за надворешни и европски работи на Словачка. Морам да кажам дека билатералните односи меѓу Словачка и Северна Македонија се одлични. Исто така Словачка целосно се труди да ја поткрепи нашата силна политичка поддршка за Северна Македонија преку суштинска соработка на највисоко можно ниво.

За време на мојата посета на земјата ќе се сретнам со претседателот Пендаровски, премиерот Заев, заменикот премиер Османи, министерот за надворешни работи Димитров и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Исто така ќе имам можност да се обратам пред Националната конвенција за ЕУ, да го слушнам мислењето на граѓанското општество за развојот на земјата и да се сретнам со вработените во Мисијата на ОБСЕ. Дополнително ќе имам шанса да се сретнам со децата и наставниците кои се вклучени во проектот „Градиме мостови” – иницијатива која ја сметам за исклучително важна бидејќи помага да се премостат етничките и општествените поделби, а ќе се сретнам и со луѓе вклучени на проектите за подигање на свеста за животната средина преку едукација финансирани од „СловакАид”.

Вашата земја е актуелниот претседавач на ОБСЕ. Мисијата е активна во земјата повеќе од 25 години. Кои активности на ОБСЕ би ги идентификувале како најуспешни за стабилизацијата и демократизацијата на нашата земја?

Мисијата на ОБСЕ во Скопје е навистина најстарата мисија на ОБСЕ. Во последните 27 години нејзината улога се промени од мало набљудувачко присуство испратено во земјата во 1992 година во значајно поголема мисија за помош која првично помогна земјата да се опорави од конфликтот во 2001 година и сега примарно работи на поддршка на реформската агенда на Северна Македонија.

Мисијата е силен партнер на Северна Македонија во остварувањето на реформите и во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор за унапредување на меѓуетничките односи. Мисијата исто така работи со властите со цел да се адресираат транснационалните закани со фокус на борбата против организираниот криминал и ставањето крај на насилниот екстремизам. Мисијата е особено активна во поддршката на реформите во судството, која вклучува активности за набљудување судења, совети за зајакнување на законодавството и подобрување на капацитетите на судиите, обвинителите и вработените во судовите.

Во Северна Македонија ОБСЕ е присутна преку другите свои институции како ОДИХР, која ги оцени последните претседателски избори како добро спроведени и која ќе продолжи да поддржува реформи на Изборниот законик. Претставникот за слобода на медиумите и Високиот комесар за национални малцинства исто така беа активни во земјата преку посети на високо ниво и проекти.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје неодамна го претстави својот Втор преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Клеменс Која, изрази загриженост за законот за јавно обвинителство со кој се регулира статусот на СЈО. Во тек се преговорите помеѓу владејачката коалиција и опозицијата во однос на овој закон. Амбасадорот Која ги повика сите партии да постигнат договор и да дозволат СЈО да продолжи да работи без пречки. Кое е Вашето мислење за работата на СЈО досега и за неговиот иден статус и функционирање?

Ние се сложуваме со оценката на Амбасадорот Која и навистина сме загрижени од фактот што институционалниот статус на СЈО сè уште не е решен и тоа што нацрт законот за Јавното обвинителство е во безизлез повеќе од четири месеци.

Ги повикуваме сите политички партии да постигнат договор за нацрт законот за ЈО кој ќе ги задоволи очекувањата на јавноста дека корупцијата ќе се казни и дека институциите на правдата ќе продолжат да се зајакнуваат.

Минатиот месец Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Одделението за родови прашања на ОБСЕ презентираа истражување кое покажа дека честопати недоволно се известува за насилството над жените во Северна Македонија и дека некои форми на физичко и сексуално насилство се распространети. Ова беше прво истражување од ваков вид спроведено во Југоисточна Европа и Источна Европа. Во него беа опфатени Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Молдавија, Украина и Косово. Кои се причините според вас за ваквата ситуација во овие делови од Европа?

Родовото насилство е проблем од аспект на човекови права но и предизвик од безбедносен аспект. Глобалните истражувања покажуваат дека една од три жени била предмет на психолошко, физичко или емоционално насилство во својот живот. За да се бориме против овој феномен, ние имаме одговорност да им помагаме на земјите да ги разберат и адресираат главните причини кои водат до насилство против жените и девојчињата.

Истражувањето водено од ОБСЕ на кое се повикувате ни обезбедува споредливи податоци и јасно покажува дека стигматизацијата и, како последица, молчењето на жртвите дозволиле случаите на насилство против жените и девојчињата да останат непријавени. Некои од бариерите во однос на известувањето идентификувани во истражувањето се срам, страв, финансиска загриженост, недостаток на информации за достапни служби, недоверба во службите или недоволно дефинирање и разбирање за тоа што точно се вбројува како насилство. Дополнителен предизвик е несоодветната законска заштита за жените и неспроведувањето на законите. Затоа потребен е сеопфатен пристап од целото општество во справувањето со овој предизвик.

Но, дозволете ми да ѝ честитам на Владата на Северна Македонија за усвојувањето на првиот Национален акциски план за имплементацијата на Истанбулската конвенција. Преку својата Мисија во Скопје, ОБСЕ е подготвена да обезбеди поддршка.

Слободата на медиумите е една од областите каде ОБСЕ е особено активна. Општиот рејтинг во последниот извештај на „Фридом хаус” е дека слободата на медиумите годинава е опадната во светски рамки. Северна Македонија е оценета како земја со „делумно слободни” медиуми. Вашата оценка на ситуацијата со медиумскиот простор во земјата?

Во однос на Северна Македонија, во годинешниот Индекс за слободата на медиумите во светот се вели дека состојбата со медиумите во Северна Македонија е донекаде подобрена. Сепак, и во 2019 имаше два напада на новинари. Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите силно ги осуди истите. И додека бројот на напади врз новинари се намалува, инцидентите од годинава покажуваат дека земјата треба сè уште да развива делотворни механизми за да обезбеди безбедна работна средина за новинарите. Оваа е една областите во кои нашата Мисија во Скопје е активно вклучена. Ова не е феномен кој е присутен само во Северна Македонија. Како што знаете, мојата земја требаше да се справи со истиот. Така што важно е дека работиме заедно и го споделуваме наученото – со цел да ги заштитиме и слободата на медиумите и животите на новинарите.

Говорот на омраза е неизбежен во овој контекст. Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја поддржа Мрежата за борба против говор на омраза во медиумите, во која се вклучени новинарски здруженија, невладини здруженија, институции. Колку ваквите активности навистина помагаат во борбата против говорот на омраза, како се справува со овој феномен?

Говорот на омраза е негативен феномен кој претставува потенцијална закана за подобрувањето на меѓуетничките односи и политичкото помирување. Северна Македонија сè уште не собира адекватни и систематски податоци за инциденти од омраза, но информациите од граѓанските организации сепак покажуваат дека нетолеранцијата на етничка, политичка и верска основа е сложен предизвик за земјата.

Искрено, тој тренд е навистина загрижувачки и има зголемување на инцидентите од омраза базирани на политичка припадност пред, за време на, па дури и по избори. Повеќе треба да се направи за да се стави крај на овој тренд. И во овој поглед, Мисијата на ОБСЕ ќе продолжи да ги поддржува напорите за намалување на бројот на инциденти од омраза.

Вашата посета на земјава се случува во многу важен период додека сме во исчекување на датум за преговори со ЕУ. Првичните очекувања беа дека тоа ќе се случи во јуни, можеби јули, но сега се споменува октомври. Вашето мислење?

Одлуката во врска со преговорите е од стратешка важност за Република Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан како и за цела ЕУ. Словачка верува дека Западен Балкан е во срцето на Европа и треба да биде цврсто сместен во нашата Унија. Затоа, колку побрзо започнат преговорите, толку подобро за сите. Препораката на ЕК е јасна во оваа насока. Скопје се надмина себеси.

Неодамнешните постигнувања се навистина извонредни, земјата стигна подалеку одошто можевме да замислиме пред неколку години. Сегашната влада заслужува пофалба. Постигнувањата во зајакнувањето на соседските односи се невидени во регионот – благодарение на Скопје, Софија и Атина. Ваквата состојба треба да се искористи за уште поголем напредок. Словачка верува дека време е да се наградат вашите напори и да се испрати позитивен сигнал до вашиот народ. Неисполнувањето на нашите ветувања ќе донесе сериозни последици.

Но дискусиите не се завршени и мислам дека неколку месеци нема да направат огромна разлика за народот на Северна Македонија кој чекаше толку долго, но сепак силно верувам дека оваа година мора да го донесе заслужениот успех за отворање ново поглавје во односите помеѓу вашата земја и ЕУ. Ова е истата пораката која што ја испратив во Луксембург.

Пред два дена, на 17 јуни се одбележа една година од потпишувањето на Преспанскиот договор. Земјата постигна компромис со Грција, реши речиси триесетгодишен спор со соседна земја. Мислите ли дека би имало некакви последици по договорот доколку не добиеме датум за преговори со ЕУ?

Преспанскиот договор е историско достигнување за кое би сакал да честитам на храброста и лидерството на Владата како и да оддадам признание на Собранието за ратификувањето и спроведувањето. Магичниот круг на националистички митови беше растурен од политичка волја и храброст. Се надевам дека Преспанскиот договор ќе служи како инспирација за другите во регионот и ќе придонесе за регионално помирување.

Верувам дека договорот постави широки и цврсти темели за билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Грција. Тој повторно ја отвори европската перспектива на земјата и беше основата за поканата за членство во НАТО. Овие достигнувања се неповратни и сигурен сум дека Северна Македонија ќе продолжи да инвестира во својата европска иднина.

Во интервју за австриската телевизија ОРФ го оценивте прашањето за Косово како полесно од спорот помеѓу Скопје и Атина. Рековте: „Проблемот со Косово не е толку тежок и може да се реши. Овој проблем е сигурно полесен отколку промената на името во случајот на Северна Македонија”. Мислите ли дека ЕУ ќе го загуби својот кредибилитет доколку не ги вреднува чекорите во оваа насока и дека тоа може да ги демотивира другите земји од Балканот кои допрва треба да решаваат билатерални спорови?

ЕУ веќе има преземено чекори повторно да го придвижи процесот на проширување и да го зајакне кредибилитетот на европската перспектива за регионот. Словачка верува дека времето е дојдено за да се испорача и награди историските достигнувања на Северна Македонија, а со тоа да се инспирира поширокиот регион, вклучително и Белград и Приштина. ЕУ мора да остане активна и посветена на испорачување на своите заложби.

Словачка е дел од Вишеградската група во која дел се и Полска, Унгарија и Чешка. Вие се поврзавте и заедно зачекоривте во ЕУ. Сите земји станаа членки на ист датум – 1 мај 2004. Вишеградската група многу ѝ помага на Северна Македонија во процесот на европската интеграција, но како добар познавач на регионот дали мислите дека шесте земји од Балканот кои не се дел од ЕУ би можеле да станат членки исто така заедно?

Да, ние влеговме во ЕУ во исто време, но секој регион е различен, со своја историја, предизвици и достигнувања. Затоа не може да се споредува ситуацијата во Вашиот регион со ситуацијата на земјите од Вишеградската четворка од почетокот на милениумот. Секоја од земјите од Западен Балкан треба целосно да се фокусира на тоа да ги направи реалност амбициозните реформи кои се потребни на нивните европски патишта. Темпото на реформите директно ќе влијае врз темпото на интеграција во ЕУ – нема заобиколување на тоа. И ние знаеме од нашето искуство дека процесот на трансформација може некогаш да биде многу болен. Во однос на тоа каде е Западен Балкан денес, различните фази на успешност во реформите покажуваат дека ќе има повеќе од еден бран пристапување.

Тринаесет земји членки на ЕУ познати како „пријатели на проширувањето”, иницијатива започната од Полска, подготвија заеднички став кон средината на мај со барање до Советот на ЕУ да го исполни своето ветување за регионот во јуни и да даде датум за почеток на преговорите во јуни со Северна Македонија и Албанија. Колку овие 13 земји членки успеаја да ги убедат оние кои се сметаат за најскептични во однос на процесот на проширување?

„Пријатели на проширувањето” е многу корисна група. Словачка редовно учествува на нејзините состаноци. Таа служи како платформа за застапување на проширувањето и комуницирање на аргументите во полза на тоа со оние кои не се 100 отсто убедени.

На 11 јуни потпишавме заедничка изјава со која апелираме до сите засегнати страни во ЕУ да ја одржуваат и консолидираат позитивната динамика постигната годинава преку отворање на пристапни преговори со Република Албанија и Република Северна Македонија. Но оние земји кои се поскептични треба навистина да бидат убедени од ситуацијата на терен во секоја држава. Значи сега, Северна Македонија треба да покаже дека е одличен студент.

Со цел целосно да се прифатат и поддржат аргументите за одење напред, сите европски лидери треба да се чувствуваат доволно комотно за да ја оправдаат нивната одлука за давање зелено светло за пристапните преговори пред нивните електорати. Улогата на кандидатите или преговарачките земји во овој дел е круцијална. Колку повеќе напредок имате, толку полесно е за „Пријателите на проширувањето” и други истомисленички земји-членки на ЕУ да го „продадат” вашиот случај.

Неодамна бевте во Тирана, изјавивте дека насилството на протестите организирани од опозицијата е веќе здодевно и дека им носи штета. Мислите ли дека сегашната политичка ситуација ќе претставува пречка за Албанија да добие датум за преговори?

Пред сè, мислам дека „здодевно„ не е збор кој треба да се користи во контекст на насилни протести. Ситуацијата е комплексна. Ваквите протести се знак на демократија која зрее како и на правата на нашите граѓани. Но фактот што тие се насилни и тоа што парламентарците се откажуваат од своите мандати, искрено, негативно влијае на јавното мислење во скептичните земји и под знак прашалник ја става подготвеноста на Албанија да делува како членка на ЕУ.

 

Сепак, сигурен сум дека политичкото лидерство на Албанија има капацитет и искуство да ја адресира ситуацијата преку вклучување во искрен политички дијалог со сите засегнати страни со цел разликите да се дискутираат во Собранието а не на улица.

Интеграцијата во ЕУ ќе донесе придобивки за сите – на двете страни на политичката поделеност. Така што сите политички актери треба да ја имаат интеграциската агенда на ЕУ како заеднички именител. Дури и ако не се согласуваат за сè друго, оваа заедничка цел може да направи пат напред.

Ова во контекст на фактот што Северна Македонија и Албанија се сметаат како во пакет за одредување датум. Дали е фер за нашата земја да биде врзана со друга земја по направените напори за решавање на билатералните спорови и реформите спроведени досега?

Принципот „регата” – значи дека земјите ќе се приклучат кога ќе бидат квалификувани, наместо во групи – одразува основна и фер норма во остварувањето на интеграциските амбиции на земјите. Движењето напред во група или во тандем со друга земја е добро и продуктивно. Но треба да преовладува принципот на индивидуална заслуга. Словачка, како и низа други земји членки на ЕУ, верува дека сега е времето Северна Македонија и Албанија да се впуштат во преговарачката патека. Отворено зборувавме за ова за време на минатонеделниот состанок на Советот за надворешни работи и ќе продолжиме да застапуваме за Вас и во иднина.

Една од мисиите на ОБСЕ во земјава е граничното управување. Од мигрантската криза во 2015 година, Вашата земја ѝ помага на Северна Македонија во обезбедувањето на јужната граница. Според последните оценки и неодамнешната изјава на Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ситуацијата е стабилна и не се очекуваат нови проблеми со мигранти. Вашата оценка за мисијата на ОБСЕ на ова поле како и за општата ситуација со мигрантите?

Миграцијата е реалност која го допира секој агол на планетата – затоа мултилатералната соработка и координација во оваа област може да додаде голема вредност.

Кога станува збор за миграцијата, ОБСЕ има своја улога. Има мандат да работи на прашањето на големите движења на мигрантите и бегалците. Исто така претставува и уникатна платформа – ги спојува земјите на потекло, транзит и дестинација на една маса.

При адаптирањето на земјите од регионот кон реалностите на миграцијата кои се менуваат, ОБСЕ може да биде вредна алатка. Иако ситуацијата во моментот е стабилна, ние сè уште будно ги набљудуваме случувањата поврзани со миграцијата долж Балканската рута. Во меѓувреме, нашата Мисија активно ги поддржува напорите за подобрување на капацитетите на вашата земја за справување со нерегуларната миграција