Седумкратниот македонски кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром денеска преку соопштение даде осврт на постигнатото во сезоната 2018/19.
Аеродромци се задоволни од враќањето на трофејот во „Јане Сандански“, но жалат за испуштената шанса да се вратат во АБА лигата.
Зад нас се пеколни десет месеци во кои одработивме илјадници тренинзи и одигравме скоро 70 официјални натпревари, што, колку за илустрација, е скоро 30 повеќе од противникот во финалето од плејофот, а убедливо најмногу од сите македонски екипи. Завршницата беше славеничка, но секако дека можевме да поминеме и подобро, со малку повеќе спортска среќа. Долго ќе боли пропуштената шанса во баражот за враќање во АБА против Задар, но таков е спортот, некогаш сте миленик на божицата Фортуна, но понекогаш таа е наклонета кон противникот. Најважното е што во секоја победа бевме достоинствени, а од секој неуспех научивме нешто позитивно – наведуваат во соопштението.
Посебно сме горди на успесите на сите наши младински тимови, на нивните резултати, но пред сѐ на начинот на кој таму се бруси иднината на нашиот клуб. Горди сме на вториот тим, кој иако настапуваше со тинејџери беше најдобар во Втората лига. Нивните медали, заедно со титулата во сениорска конкуренција и со прикажаното во АБА2-лигата, но и со големиот број таленти кои веќе тропаат на вратата на првиот тим, се причините поради кои мора да бидеме задоволни од сезоната која е зад нас. Тоа, секако, треба и ќе ни биде мотив да продолжиме да работиме уште понапорно како на теренот така и надвор од него – додаваат од МЗТ Скопје Аеродром.
Клубот најави дека денеска почнуваат подготовките за новата сезона, за како што велат оттаму, уште поголема радост за навивачите и симпатизерите.
МЗТ Скопје го освои шампионскиот трофеј седум пати во последните осум сезони.